Вељаноски ја отвори годишната конференција на иселениците од Македонија

 

Чувањето и негувањето на македонскиот јазик и културата, како и јазикот и културата на заедниците, државјанството и избирачкото право, организираност и поврзаност на иселениците од Македонија и нивната соработка со Агенцијата за иселеништво, како и остварување на пензиско право на иселениците, се темите на дводневната петта Годишна конференција на иселеничките организации.

На конференцијата присуствуваа 115 претставници од 143 иселенички организации од четири континенти и 20 гости од организации на Македонците и заедниците во соседството. Тие претставуваат околу 250.000 иселеници од Македонија во странство, информираше Васил Наумов, директор на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, кој ја отвори средбата, истакна дека грижата за македонската дијаспора претставува константа во определбите на Парламентот и Владата. Потсети дека сме на почетокот на вториот мандатен период во Собранието, каде седат тројца пратеници директно избрани од македонската дијаспора и иселеништво.

- Преку овие тројца пратеници, македонската дијаспора може да ги артикулира своите интереси, своите проблеми, но и видувањата на се она што се случува во Република Македонија како нивна матична држава, истакна Вељаноски.

Овие две децении на самостојност токму македонската дијаспора била и ќе биде, потенцираше претседателот на Собранието, најголемиот промотор ширум светот на македонскиот народ и на неговиот јазичен културен идентитет, а секако со тоа и на македонската држава.

- Ова уште позначајно и има ако сакате и непроценлива вредност бидејќи се уште не е затворено македонското прашање. За жал и во 21 век овде околу нас има сеуште сили кои сакаат да го избришат македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, култура, црква, а со тоа да го разнебитат и да го избришат македонскиот народ.  Но, верувам дека сите го делите моето убедување дека токму сплотени како ние овде дома така и ширум светот како и досега и оваа битка ќе ја извојуваме во корист на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија, рече Вељаноски.

Наша цел, посочи, е Република Македонија утре кога ќе стане полноправен член на ЕУ и НАТО, а тоа се наши стратешки определби, да биде конкурентна со сите други членки на овие асоцијации.

Лилјана Стоилковска - Андоновска изјави дека дијаспората во Шведска е организирана повеќе од 25 години преку Сојузот на Македонците, организација која ги обединува сите друштва, асоцијации и клубови на Македонците во оваа земја. Ваквите конференции, според неа, се комуникација меѓу иселениците кои доаѓаат од различни краеви на светот и се јакне нивната соработка. Пораката што таа ја пренесе е да се чува идентитетот и да се чува и негува македонскиот јазик, литература и култура, да се презентира Македонскиот народ и Република Македонија низ светот. Стоилковска Андоновска вели дека поддршката од македонските иселенички организации е многу потребна, но и поддршката од Република Македонија и министерствата со ресурси за дијаспората.

Дел од сугестиите на иселеништвото, според неа, се веќе реализирани. Како пример посочува на можноста иселениците да гласаат на избори во Република Македонија, издавање пасоши и државјанства...

- Иселеништвото треба да лобира надвор за се она што се случува против македонскиот народ, против идентитетот и негирањето на македонскиот народ, а од друга страна да биде прилог за Република Македонија, рече Стоилковска Андоновска.

Георгис Елефтеријадис, кој е иселен во Мелбурн, Австралија, смета дека во изминатите години е направен голем исчекор за дијаспората и оти најиделано би било да се овозможи македонските државјани да можат да гласаат електронски.   

- Доаѓам од Мелбурн, Австралија. Таму се иселив пред 13-ина години. Во врска со добивањето пасош, државјанство и остварување на гласачкото право, можам да речам дека за пасошите поради далечината и процедуралните причини малку е отежната постапката. Тоа се одолжува на неколку месеци за разлика од тука, каде што верувам дека е многу побрзо. Меѓутоа, сметам дека сепак е направен голем исчекор со тоа што им е овозможено на иселениците во дијаспората да се здобијат со македонски пасоши и да добијат можност да си го остварат правото за државјанство во Република Македонија, вели Елефтеријадис.  

Во врска со гласањето, посочува тој, направени се напори во последниве години од страна на Владата за обезбедување места каде што државјаните кои се иселени во дијаспората да гласаат или да избираат свои претставници во Парламентот на Република Македонија, но, сепак, смета дека тоа би можело да се подигне на повисоко ниво со обезбедување на повеќе такви места.

- Како и секаде во западните земји растојанијата се многу поголеми, додава Елефтеријадис.

Идеално решение, според него, би било електронското гласање и воопшто комуникација по електронски пат со иселениците во дијаспората.

Имамот Зурхајлат Фејзулаху од џамијата во Хамбург, која ја посетуваат голем број од иселениците етнички Албанци, вели дека еден од проблемите со кој се соочуваат тие е недостигот од наставници по албански јазик. Вели дека во Хамбург организациите на етничките Албанци имаат контакти со иселеничките организации на Македонците, како и со дипломатските претставништва и оти првпат оваа година учествуваат на овој собир што го организира Агенцијата за иселеништво.

Тројцата пратеници во македонското Собрание кои ги застапуваат иселениците утре ќе имаат свои обраќања и средби со претставниците на иселеничките организации во рамки на конференцијата.

Павле Саздов, пратеник од Северна Америка рече дека тие прават се за да остварат комуникација со македонските државјани иако далечината е многу голема. Еден од предлозите, вели Саздов, е да се зголеми бројот на деновите за нивен престој во трите изборни единици што би овозможило остварување на поголема и подобра комуникација со иселениците, особено доколку тој престој опфати два викенди кога тие не се на работа.

Во првиот мандат, вели тој, нашата работа повеќе се фокусираше на детектирање на проблемите со коишто се соочуваат иселениците. - Немавме поддршка од опозицијата за носење декларација во која ќе беа опфатени клучните прашања за дијаспората. Таа беше изготвена и доставена од наша страна до сите пратеници во минатиот состав, но декларацијата не беше донесена, изјави Саздов.

Во овој мандат повторно ќе биде доставена до сите пратенички групи, но тоа најверојатно ќе се случи откако опозицијата ќе се врати во Парламентот.

- Се надевам дека во овој мандат Собранието ќе донесе ваква декларација од која потоа би произлегле други законски измени и процедури, како што се на пример процедури од областа на царината, за олеснување на враќањето на иселениците во Македонија, во поглед на образованието - обезбедување учебници за нашите иселеници и друго, изјави пратеникот Саздов.

Во однос на гласањето на дијаспората, вели дека е многу тешко да се унапреди процесот на гласање на дијаспората поради тоа што тоа не добива поддршка од сите политички партии во земјата.

- Гласањето на дијаспората има многу мала поддршка кај партиите во Македонија, да не речам опозициските партии. Дури и првиот пат кога го донесовме Изборниот законик се противеа воопшто дијаспората да има право на глас, така што многу е тешко сега кога би сакале да го унапредиме тој процес бидејќи тие се се уште против иселениците да имаат право на глас, вели Саздов.

Во ВМРО-ДПМНЕ, посочува, многу пати сме разговарале за унапредување на тој процес и кај нас постои желба за отворање на повеќе гласачки места, разгледувана е можноста исто така и за електронско гласање или поставување на електронски машини во нашите конзуларни претставништва. Предупредува дека треба да се разгледаат сите алтернативи бидејќи гласањето во дијаспората чини многу средства.

Петата конфреенцијата на иселениците се одржува денеска и утре во Скопје, а на денешното отворање присуствуваа и претставници на МПЦ-ОА и на Исламската заедници.

МИА

23.07.2014 - 13:06
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега