Министерски состанок на ПСЈИЕ: Земјите од регионот мора да имаат соработка

Нашата визија за иднината ќе се оствари, ако заеднички соработуваме и бидеме добри соседи, истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски на денешното отворање на формалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) што се одржува во Охрид.

- Треба да учиме од минатото додека градиме сериозни изгледи за иднината. Очекуваме со ваквите средби да придонесеме за зголемена регионална соработка, рече Попоски.  

 

Во изминатите 17 години, додаде тој, имавме фундаментална политичка, економска, социјална и културна размена. - Се соочивме со многу предизвици, цел ни е да најдеме решенија за нив. Треба заеднички да стоиме и да се поддржуваме кога и да е неопходно. Тоа е и рамката на ПСЈИЕ, истакна Попоски. 

 

 

- На минатонеделната конференција посветена на солунската агенда во Даблин беше постигната согласност дека процесот на проширувањето нема да биде завршен без приклучување на целиот Балкан, рече Попоски.

 

 

- Одговорни сме за иднината, отворени сме и посветени за партнерство, да дискутираме за заедничките прашања и да ги решаваме проблемите, рече Попоски, нагласувајќи дека ќе останеме упорни за остварување на евроатланската цел.

 

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе рече дека ПСЈИЕ во последните години дејствува како глас на регионот. - Оваа соработка, меѓутоа, мора да биде инклузивна и да се постигне консензус за прием на Косово, што би било поздравено од Европската унија, изјави Филе. Според него нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е долг процес, а инклузивноста на државите ќе придонесе во неговото решавање.

 

Во однос на Македонија, Филе со став дека земјата оди напред во реформите, но важна е реализацијата на мартовскиот договор со сите негови точки.

 

 

Новиот бугарски министер за надворешни работи Кристијан Вигенин рече дека за него нема подобар начин од започнувањето на новата функција од ваква средба за регионална соработка. Бугарија, вели тој, е свесна за својата одговорност во регионот и како членка на ЕУ и НАТО е голем заговарач за прием на земјите од регионот во овие организации, но потенцира дека членството е остварлива цел кога ќе с еисполнат критериумите.

 

На состанокот присуствуваат и генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер, претставници на други меѓународни организации, министрите на Хрватска Весна Пусиќ, на Црна Гора Игор Лукшиќ, на Србија Иван Мркиќ, замениците-министри на БиХ, Турција и Косово, политичкиот директор од грчкото Министерство за надворешни работи, како и романскиот државен секретар.

најчитано сега