Пратениците со полни раце работа
Собранието на Република Македонија денеска треба да ја одржи 10. седница на чиј дневен ред се околу 27 предлог закони и измени на закони од повеќе области.
Пратениците ќе ги разгледаат предлог-дополнувањето на Законот за договорен залог, дополнувањето на Законот за високото образование и измените на Законот за семејство.
Дневниот ред треба да биде дополнет со Предлогот на закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, измените на Законот за едношалтерскиот систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, како и измените на Законот за железнички систем.
На седницата ќе се расправа за измените на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, како и за дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште.
Собранието ќе расправа и за Предлог одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици во собраниските комисии и за Предлог-одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за основање на пратенички групи за соработка со парламенти на други држави.
На дневен ред се и измените на Законот за јавните набавки, Предлог законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, измените на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, како и повеќе предлог закони кои се разгледуваат по скратена постапка и во второ читање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа