Јуриј Гончарук: Малезискиот авион беше урнат со систем кој пристигнал од Русија

Постојат непобитни факти дека Боингот 777 бил урнат со систем кој сепаратистите го добиле од Русија, вели во интервју за Пресс24 Јуриј Гончарук,  амбасадор на Украина во Република македонија. Смета дека Русија од една страна крева рака за дипломатско решение на спорот но од друга страна транспарентно ги вооружува сепаратистите.

Press24: Ваша екселенцијо, како гледате на последните случувања во вашата земја по уривањето на малезискиот авион?

Гончарук:  Не е едноставно да се одговори на ова прашање бидејќи позади него стои една голема трагедија за која многу се пишува, се зборува, се докажува, се негира, но ние имаме факти за меѓународниот тероризам поточно за тероризмот на некои конкретни сили. Знаете дека во моментов во Украина не е едноставно. На Истокот се водат силни борби. Украинската војска се бори со сепаратистите помогнати од надворешна сила која има втора најсилна војска во светот. Тоа е проблемот кој за жал се одолговлекува и она што се случи со Боингот 777 е последица на оваа поддршка. Логиката за развојот вели д ека терористите кои с е борат со украинската војска делумно ја надминуваат моќта на украинската војска. Тоа е резултат на постојаното вооружување, тешка техника која се испорачува и жива сила која доаѓа од страна на Руската федерација. За жал го имаме тоа што го имаме.

Press24: Дали се согласувате со оценката на државниот секретар на САД Џон Кери дека системот за соборување на авионот дошол од Русија?

Гончарук:  Токму така. Сите податоци го потврдуваат тоа дека Боингот 777 бил урнат од територија која е под контрола на терористите. Нашата служба за безбедност на Украина изјави дека има непобитни факти дека тоа беше системот кој пристигнал од територија на Русија. Тој факт беше потврден и од САД, тоа го потврдуваат и снимки кои ги поседува украинската страна и уште еднаш потенцирам дека има сработено логика за војна. Украинската армија во овој реон немаше средства за противвоздушна одбрана. Таа потреба ја имаа сепаратистите за да се справат со украинската авиација. На 15 и 16ти јули беше урнат транспортен и воен авион на Украина на висина која ги надминува можностите на противвоздушната одбрана на сепаратистите. Тоа значи дека се појавило ново оужје.

Press24: Како ја коментирате последната изјава на Путин во која тој вината повторно ја насочува кон Украина велејќи дека одговорноста лежи во укинувањето на наредбата за прекин на огнот?

Гончарук:  Разбирате за што станува збор. Од самиот почеток Руската федерација изјавува дека таа настапува за регулирање на конфликтот со мирни средства, дипломатски средства. Многупати беа потпишувани заеднички меморандуми, но секој пат од руската страна не  превземаше ништо за да се влијае врз потчинетите сепаратисти. Напротив, се продолжуваше континуирано да се вооружува другата страна. Во својата цинична изјава претседателот на Русија Путин повторно ја пренесе одговорноста на украинска страна бидејќи според него тоа се случило поради тоа што Украина го укинала режимот за  прекин на огнот на 28ми јуни, иако тој режим беше укинат на 30ти јуни а ноќта кон 1ви јули беше преземена антитерористичката акција. Светот ја критикува Русија, бара промена на нејзината позиција, Русија зборува за регулација а вооружувањето продолжува. Тоа веќе не се крие. Иако порано с е правеше ноќе, во последните 7 до 10 дена тенкови, оклопни возила и друго вооружување доаѓа во било кој дел од денот.

Press24: Како ги коментирате различните теории за падот на авионот?

Гончарук:  И сам не би можел да си објаснам. Значи авионот паднал на територија окупирана од сепаратистите. Истиот ден претседателот на Украина побара формирање Државна комисија која би го расветлила случајот и оваа трагедија. Во оваа Комисија би помогнале меѓународните организации и меѓународните експерти, Холандија Малезија ид руги држави. Ние сме подготвени з а тоа. Но, сега се случуваат неразјаснети работи во областа каде падна авионот. Се работи за пристапот на претставниците на ОБСЕ до остатоците и телата, црните кутии, од самиот почеток не им дозволуваа пристап, правеа необјасниви работи со телата, ги снемуваше па ги враќаа, делови од авионот се исчезнати. Се прават некои активности за да се замати сликата за истражување. Разјаснувањето на целата слика , собирањето на сите делови, обдукцијата на телата , пронаоѓањето фрагменти од ракети и слично целосно би ја разјасниле сликата. Во тоа е и проблемот. Не знам дали разбирате што прават. Тие се обидуваат д а го постигнат спротивното и потврдуваат дека имаат улога во она што се случило.

Press24: Што очекувате да преземе светот?

 

Сметам дека треба да се делува поодлучно, доколку на друг начин се однесувале кон Украина, можеби не би с е случила оваа трагедија. Се надевам дека заклучоците се направени и нешто ќе се промени.

21.07.2014 - 12:22
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега