Пратениците со полни раце работа

 

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за труд и социјална политика, за здравство, за транспорт, врски и екологија,  за образование, наука и спорт, како и Комитетот за односи меѓу заедниците.

На дневен ред на Комисијата за европски прашања е Извештајот за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија-ревизија 2014 година, за периодот 1 јануари до 31 март 2014 (прв квартал), како и Предлог-законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, во прво читање.

Членовите на Комисијата за труд и социјална политика ќе расправаат за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за  Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица  и педофилија, во второ читање и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семејството во прво читање.

На дневен ред на Комисијата за здравство се предлог - законите за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување и за дополнување на Законот за  земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, двата во второ читање.

Членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправаат за предлог - законите за изменување и дополнување на законите за постапување со бесправно изградени објекти, за градење, за превоз во патниот сообраќај, трите во второ читање.

На дневен ред на седницата се и предлог-законите за изменување и дополнување на законите за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај и за железничкиот систем, двата во прво читање.

Комисијата за образование, наука и спорт ќе ги разгледува Предлог-законот за спортска академија, во второ читање и Предлог-законот за дополнување на Законот за високото образование во прво читање.

На дневен ред на Комитетот за односи меѓу заедниците е избор на претседател и заменик на претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците. 

21.07.2014 - 09:12
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега