Вардарова љубов: Јованка Радичевиќ ќе биде македонска снаа

 

Андријана Будимир, Индира Кастратовиќ, Наталија Малахова, Анџела Платон... се само дел од ракометарките кои дојдоа да играат во Скопје, а поради љубовта останаа и да живеат тука. Слична судбина ја очекува и ракометарката на Вардар, Србинката Јованка Радичевиќ, која веќе извесен период е во врска со ексголманот на ФК Вардар, Дино Захов. И покрај тоа што релативно кратко време се заедно, тие се неразделни, а она што ги споило е токму спортот, пишува Вечер.

"Се запознавме на физикална терапија. И двајцата бевме повредени, јас на рамото, а Јованка имаше ситна повреда на ногата и така почна се. И двајцата во тоа време ги браневме боите на Вардар, па имавме исти доктори. Се почна со разговор околу спортот и повредите, а понатаму сето тоа се претвори во една убава врска, која еве трае веќе пет месеци", вели голманот.

Фудбалерите, во принцип, за рака шетаат манекенки, но тоа не е случај со Дино, кој вели дека отсекогаш бил слаб на спортистки.

"За мене не е важно дали е манекенка и каква е, важно ми е каков човек е и како размислува. Тоа што го замислував и барав во една девојка можам да кажам дека го најдов. Среќен сум со Јованка и ми одговара што и таа е спортистка", ни откри струмичанецот.

Летниот одмор двојката веќе го искористила. Биле во Грција и во Будва, а за десетина дена повторно стартуваат со спортските обврски во матичните клубови. Дека на Јованка и е пишано да биде македонска снаа потврдува и Дино.

"Нашата врска се уште е свежа и немаме некои големи планови, но јас навивам за тоа да биде македонска снаа. Ќе видиме што ќе се случи", додаде Захов.

20.07.2014 - 23:34
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега