Од утре петдневен мониторинг во Универзитетската клиника за Офталмологија во Скопје
Од утре Министерството за здравство почнува со спроведување на шестиот „Кајзен“ мониторинг во Универзитетската клиника за офталмологија во Скопје. Министерот за здравство Никола Тодоров придружуван од тим стручни соработници од Кабинетот, пет дена ќе врши мониторинг на оваа јавно-здравствена установа.
Во текот на овој период ќе се изврши целосно снимање на работата на клиниката, со особен фокус на спроведувањето на електронскиот систем за закажување МојТермин, со цел да се утврди дали прегледите се спроведуваат во рамки на закажаните термини, односно дали системот доследно се почитува од докторите и од пациентите. Посебен осврт ќе се стави и на функционирањето на системот за плаќање по учинок, односно проверка дали внесените податоци во системот соодветствуваат на реално пружените здравствени услуги, соопшти Министерството за здравство.
Исто така, за време на мониторингот ќе се следи и спроведувањето на мерките и укажувањата во насока на исполнување на стандардите за акредитација на оваа здравствена установа, примената на протоколот за хоспитална култура, особено во делот на меѓусебна комуникација меѓу персоналот во клиниката и пациентите, како и примената на клиничките упатства, клинички патеки и протоколите за медицината базирана на докази.
По извршената анализа на состојбите во сите одделенија, како што се наведува, ќе бидат изготвени мерки и заклучоци со конкретни акциски планови за имплементација на нови методи во оваа болница, во зависност од приоритетите и реалните состојби во оваа јавна здравствена установа.
Оваа активност, се посочува во текстот, се базира на јапонската бизнис филозофија, што во суштина значи „промена на подобро“ и преку реално зближување на работниците и менаџментот во една институција се гради чувство на единство во целите и работењето и се постигнува подобрување на перформансите на институцијата во целина.
Во изминатиот период, работни посети во рамки на „Кајзен менаџмент“ беа реализирани во Клиничките болници во Штип, Битола,Тетово, во Општата болница во Велес и во струмичката Општа болница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа