Судењето на Златна зора ќе почне на почетокот на ноември
Судењето на повеќе од 60 лица, вклучувајќи и 16 пратеници на Златна зора, обвинети дека се дел од криминална организација треба да почне на почетокот на ноември, јави „Катимерини“ повикувајќи се на свои извори.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, за составување на конечните обвиненија најверојатно ќе биде одговорен искусниот обвинител Исидорос Догиакос, откако истражните судии го завршија распитот на осомничените на почетокот од месецов, кога одлучија портпаролот на Златна зора Илијас Касидиарис да го задржат во притвор.
Одговорните кои ја водат истрагата пред десетина дена утврдија дека Касидиарис ги обучувал членовите на партијата како да ракуваат со оружје. Тој прво беше уапсен под обвинение за снабдување со оружје на криминална организација, но пошироката истрага за активностите на партијата откри и други детали.
Досието за случајот во врска со активностите на Златна зора содржи илјадници страници. Покрај пратениците на партијата, уште други двајца пратеници, Статис Букурас и Хрисовалантис Алексопулос исто така ќе бидат изведени пред суд.
За судењето се подготвува посебна судница. Таа ќе биде лоцирана во близина на атинскиот Апелациски суд. Безбедносните мерки околу судот веќе се засилени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа