Првата група деца од ранливи категории од Кривопаланечко замина на бесплатен одмор
Тринаесет дечиња од социјално ранливи категории од општините Крива Паланка и Ранковце утрово заминаа на бесплатен одмор во детското одморалиште „Мајски цвет“ во Струга.
За користење на услугата бесплатен летен одмор од проектот на Министерството за труд и социјална политика годинава се пријавија вкупно 49 дечиња од Кривопаланечко и Ранковце, а денеска замина првата група.
- Со овој проект Министерството им помага на децата, но и на нивните родители, бидејќи семејствата со социјален ризик до сега не беа во можност да ги испратат децата ниту на зимување, ниту на летување. Со овој проект дечињата од овие семејства се социјализираат, се дружат и уживаат во благодетите на животот, како и останатите нивни врсници, изјави Слободанка Младеновска, воспитувач-волонтер на Црвениот Крст од Крива Паланка која втора година по ред е вклучена во проектот.
Младеновска рече дека кога говориме за важноста на ова дружење за децата не се потребни многу зборови.
- Радосните лица на дечињата, нетрпеливоста и сјајот во нивните очи говорат повеќе од се, рече воспитувачката.
Останатите 36 деца пријавени за проектот ќе го искористат своето право во наредните смени во претстојниот период.
Во рамки на проектот децата се рекреираат, одмараат, спортуваат и со помош на волонтерите учат да пливаат, а за време на престојот имаат добро организирани културно-забавни активности.
Проектот на МТСП се спроведува трета година, а е наменет за деца од семејства приматели на социјална парична помош, посебен додаток, но и деца со пречки во развојот и деца без родители и родителска грижа.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа