Преговори власт - опозиција: СДСМ бара претседател на Антикорупциска

Социјалдемократите бараат челни места во Антикорупциска, Државниот завод за ревизија и Агенцијата за медиуми, пишува Дневник, повикувајќи се на неофицијални партиски извори.

 

„Според ВМРО-ДПМНЕ, всушност, станува збор за идеја што ја изнел Заев на средбата со Груевски, а сето тоа во рамките на барањето за техничка влада, што било одбиено од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата на Груевски се децидни дека ќе нема разговори се додека Заев инсистира на техничка влада и ќе нема средба меѓу двајцата лидери додека нема политички договор. Очекувањата се дека за дијалогот може да помогне и посредникот од Белгија да посредува за раздвижување на политичкиот дијалог. Официјално, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека информациите во јавноста за ДЗР и слично во јавноста ги пушта СДСМ и оти ги разбираат како неприфатлива уцена“ пишува Дневник

- Информациите за ова се од СДСМ за да се задоволат лични амбиции на луѓе од нивното раководство. Спремни сме да разговараме за теми што имаат реална содржина, за закони и процеси што ги подобруваат состојбите во државата. С` друго го цениме како уцена и условување и тоа за нас е неприфатливо - вели за Дневник Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ, пак, не инструментите, туку темите вклучени во преговорите се суштината во процесот. Сите пет точки од пакетот што СДСМ ги извади на преговарачката маса се еднакво важни за партијата, а особено техничката влада, без која опозицијата нема намера да преговара.

- Во детали не навлегуваме. Поставивме преговарачка рамка како да почнат преговорите, но ВМРО-ДПМНЕ нема намера да води сериозни разговори. Ние кажавме што имаме да кажеме, односно ги изнесовме петте барања и с` друго е шпекулација - вели за Дневник заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска. 

19.07.2014 - 11:47
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа