Европската унија ги бара црните кутии

 

Потпретседателот на Европската комисија, Сим Калас, попладнево излезе со изјава во име на Европската унија дека се инсистира на дозвола од страна на проруските сепаратисти во реонот на Источна Украина каде падна авионот на „Малезија Ерлајнс“, како и дека официјален Брисел им ја гарантира на своите жители безбедноста на авио-сообраќајот.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Калас својата изјава ја започна со повторно укажување за длабоката шокираност од несреќата на авионот на „Малезија ерлајнс“ во Украина и трагичната загуба на толку многу животи.

- Она што е потребно сега е итна и независна истрага за причините за несреќата. Ги повикувам сите засегнати да учествуваат и да бидат подготвени да направат што можат за да помогнат во оваа суштинска задача. Во практична смисла, ова значи дека иследниците треба да имаат непречен пристап до местото на несреќата и се разбира до „црните кутии“ што ги снимааат податоците од летот и разговорите во пилотската кабина.

Довербата на јавноста бара целосно транспарентна и отворена постапка - порача Калас. Според заменикот на Жозе Мануел Барозо на чело на неформалната Влада на ЕУ, тој веќе го активирал кризниот телефон на авијацијата на ЕУ, така што постои соодветна координација на ефектите врз воздушниот простор за да се гарантира безбедноста на летовите.

„Во тој поглед би сакал да ги уверам патниците дека е безбедно да се лета“, рече Калас. Потпретседателот на Еврокомисијата, исто така рече дека целосно ја разбира јавноста дека е гладна за факти и дека фактите во однос на она што се случи со летот “МХ-17” мора да бидат отворени за глобалната јавна контрола. - И ако стане јасно дека оваа несреќа е предизвикана намерно, и ако “МХ-17” е урнат од небото без чувство за смртта на толку многу невини цивили, оние кои се одговорни ќе бидат изведени пред лицето на правдата - се закани Калас.

МИА

18.07.2014 - 19:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега