Историски успех за македонските ученици на Oлимпијадата по информатика

Македонските ученици на 26-тата Интернационална олимпијада по информатика која  се одржува од 13-ти до 20-ти јули во Тајпеј, Тајван, освоија еден сребрен и два бронзени медали.

Македонскиот тим на овој светски најпрестижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Бојан Серафимов, Климент Серафимов, Васил Кузевски и Филип Беџовски, предводени од лидерите Миле Јованов и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство освои еден сребрен и два бронзени медали.

Од Здружението на информатичарите на Македонија информираат дека постигнатиот резултат претставува најголем успех за нашата земја на сите досега одржани интернационални информатички олимпијади, но и потврда дека нашите ученици со стекнатото знаење од областа на компјутерските науки можат да се носат рамо до рамо со најдобрите ученици ширум целиот свет.

Сребрениот медал е прво вакво одличје што го освојува еден македонски ученик и претставува успех со кој може да се пофалат помал број од земјите – учеснички на ИОИ.

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, повеќе од 250 илјади млади луѓе од речиси 90 држави се натпреваруваат во борба да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

На ИОИ 2014 учествуваат вкупно 315 ученици, кои право на учество обезбедија преку националните натпревари во програмирање спроведени во 80 земји од целиот свет. Во ваква силна конкуренција, првиот сребрен медал во историјата за Македонија го освои Бојан Серафимов, а бронзените медали ги освоија Васил Кузевски и Климент Серафимов.

- За да се постигне врвен резултат на вакво интернационално натпреварување секако е потребно да се поседува талент, да се има силна желба и мотивација, како и упорност, за да се жртвуваат часови од, и онака краткото, слободно време на учениците за постојано да се надградува знаењето од областа на алгоритамското програмирање, но и континуирано да се утврдува веќе стекнатото знаење преку решавање на колку што е можно повеќе задачи. Нашите ученици преку постигнатите резултати повеќе пати до сега докажаа дека поседуваат голем талент, како и исклучителна мотивираност и упорност, но на ИОИ 2014 допреа речиси до самиот светски информатички врв за својата возраст!, изјави Емил Станков, заменик лидер на македонскиот тим на ИОИ 2014 и асистент на ФИНКИ.

Водичот на тимот и претседател на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов вели дека е задоволен од успехот, бидејќи смета дека годинава учениците успеаа да го презентираат на вистинско ниво нивното знаење.

- И во нивните очи не гледам среќа, туку задоволство. Тоа е затоа што она медалите се постигнати со многу работа од нивна страна и од страна за Здружението на информатичарите. Благодарен сум на компанијата Нордеус која во најголем дел го понесе финансискиот товар за патувањето, преку нивната донација до ЗИМ, иако сеуште сме во ситуација кога самите натпреварувачи мора да покриваат дел од нивните патни трошоци, додаде тој.

Во соопштението од Здружението на информатичарите на Македонија се наведува дека ваквите резултати на тројцата матуранти од тимот им го отворија патот да студираат во САД и Обединетото кралство на едни од најпрестижните светски универзитети.

Следната, 27-ма по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2015), ќе се одржи идната година во Астана, Казахстан. 

17.07.2014 - 12:06
Фото: 
канал5
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега