Охридското ЈП „Нискоградба“ во долг од 68 милиони денари

Долгот на охридското Јавно претпријатие „Нискоградба“ изнесува 67. 963. 194  денари, додека според фактурираната вредност, физичките лица на претпријатието му должат 65 700 000 денари, вели Никола Икономовски, новиот директор на ЈП „Нискоградба“, пренесува ohridnews.com.

Икономовски информира дека при извршување на делумни анализи за целокупното работење на претпријатието, биле констатирани повеќе неправилности на претходното раководство.

-Со моето доаѓање на директорското место во ова јавно претпријатие, затекнав три неисплатени плати. ЈП работи со блокирана сметка поради извршни судски решенија и неплаќање на данок по основ на ДДВ во висина од 5 096 830 денари. Обврските спрема јавните претпријатија во Охрид се 14 252 712 денари. За неплатени телефонски сметки должиме 64 395 денари, додека спрема угостителските објекти 632 523. Од основањето на „Нискоградба“ па до сега, за реперезентација се трошени на годишно ниво просечно по 1 262 113 денари што е една превиоска сума на пари. Исто така, обврски имаме и спрема добавувачите во висина од 55 725 705 денари, истакнал директорот на „Нискоградба“ на денешната прес-конференција.

Според Икономовски, анализите утврдиле дека незаконско е одземано од платата на вработените за административни забрани во висина од 206.000 денари, а средствата не биле исплатени до банките и извршителите. Новиот директорот на „Нискоградба’ тврди и дека веќе разрешениот директор Владо Цветкоски сеуште не се откажува од својата функција и привилегиите.

-Иако поранешниот директор Владо Цветкоски е разрешен од функцијата на 2. мај оваа година, вчера ми стигна фактура од Сончева Порта дека службено ручал како директор и добивме сметка во висина од 2 010 денари. Навистина не можам да сфатам која е целта, истакнал Икономовски.

Освен овие неколку проблеми, Икономовски истакнал и дека поради неплаќање на обврските, добавувачите ја загубиле довербата и веќе не се јавуваат на распишаните тендери.

-Во минатиот период обврските кон добавувачите се исплаќале селективно, додека другите побараа по судски пат да ги наплатат своите побарувања. Во врска со добавувачите, симптоматично е што две фирми се пријавувале и ги добиле поголемиот дел од тендерите од кои што во моментов ги набавуваме основните материјали за работи, истакна Икономовски.

Новиот директор вели дека приоритет на претпријатието ќе биде подобрување на услугите спрема корисниците како и враќање на довербата кон доверителите.

-Ќе дадам се од себе претрпијатието да го вратиме на здрави нозе. Во тек е анализа на структурата на вработените, со цел ефикасно искористување на работната сила, овозможувајќи секој поединец да даде придонес во осварувањето на својот личен резултат. Трошоците за репрезентација се сведуваат на миниум, освен они кои што не можат да се одбегнат, вели Икономовски, пренесува ohridnews.com.

Извор: Ohridnews

ФОТО: Курир

најчитано сега