Милошоски: Со новите измени до поголема независност и самостојност на Судскиот совет

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на деветтата седница расправа по Предлогот за пристапување кон измена на Уставот.

Со предложените измени се бара попрецизно дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во буџетот со ограничување на буџетскиот дефицит од три проценти и на јавниот долг од 60 проценти од БДП, промена на називот на Народна банка во Банка на РМ. Со измените се предлага и воведување на институтот уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промени на надлежноста за одлучување на одлуките по жалба на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд, и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање уставна можност за формирање финансиска зона, како и дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМЕ рече дека СДСМ се води по парадигмата дека молчењето е злато.

- Некои велат дека молчењето е одобрување, но молчењето по однос на измените во Уставот е политичка несериозност, посочи Милошоски.

Тој се осврна и на  уставната жалба: - Уставната жалба и нејзиното воведување очекувам да ја зголеми соработката меѓу Уставниот суд на Република Македонија и Судот за човекови права во Стразбур, да ја усогласи дополнително праксата на нашиот Уставен суд и другите инстанци пред Уставниот суд и Уставната жалба со пракасата на Судот за човекови права во Стразбур и со тоа да ги намали поплаките, жалбите и обраќањата на граѓани на Македонија до Судот во Стразбур, рече Милошоски.

За воведувањето на високите фискални правила рече дека нивното непочитување во некои држави ги довело тие држави до банкрот и во тешка должничка криза. 

- Преточувањето на нормите од Спогодбата за фискалната стабилност на ЕУ во Уставот на РМ ќе претставува еден силен знак дека Република Македонија дури и пред членството во ЕУ е спремна да ги следи највисоките правила кои во моментов се и најактуелни во Унијата. Границата за буџетскиот децифит ќе биде најмногу до три проценти од БДП, а горната граница за јавниот долг ќе биде најмногу до 60 проценти од БДП. Македонија со ваквите измени во Уставот ќе покаже голема фискална одговорност, спремност за буџетска дисциплина, спремност да ги примени највисоките норми на ЕУ и подготвеност секоја политичка гарнитура ефикасно да управува со јавните финансии, истакна Милошоски.

16.07.2014 - 15:37
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа