Мораме да создаваме квалитетни наставници

Најниска просечна оценка при упис на некој од педагошките факултети во државата ќе биде минимум четворка. Матурантите ќе полагаат приемен испит за да се провери знаењето дополнително, а секој запишан ќе добива месечна стипендија од околу 10.000 денари. На крајот од студиите секој дипломец ќе има загарантирано вработување. Oвие новини, кои ќе се спроведат на факултетите од каде што произлегуваат наставници, беа најавени минатата недела. Целта е да се подобри квалитетот на образованието, објави Нова Макдонија.

Проф. д-р Владо Тимовски, декан на скопскиот Педагошки факултет, вели дека пред да бидат најавени овие новини, со него како прв човек на факултетот се консултирале уште пред една година. 
- Сето ова од поодамна го знаеме. Очекуваме сите овие промени да произведат подобри студенти, а со тоа и подобри наставници. Очекуваме една поинаква селекција на кандидати што сакаат да бидат учители. Најверојатно ќе има промени и во студиските програми, кои ќе ги осовремениме. Овие реформи треба да бидат во насока на развој на педагошките факултети - вели Тимовски за Нова Македонија.

Благица Петковска, која предава македонски јазик на овој факултет, смета дека е добро што студентите ќе бидат стимулирани со стипендии. - Исто така добро е и што ќе запишуваме студенти со минимум 4 просечен успех од претходното образование. Позитивно е и што ќе има приемни испити, бидејќи мора да има соодветна селекција на кандидатите при уписот. Тоа за загарантираното вработување сметам дека треба да се преиспита, бидејќи имаме многу јаки студенти што ги завршија студиите, а во моментов се водат како невработени во Агенцијата за вработување. Ваквиот однос не е фер кон нив - смета професорката Петковска. 

Како што минатата недела најави премиерот Никола Груевски, предвидено е и да постои академија за наставниот кадар. 

- Покрај теоретско, со академијата е предвидено и практично учење кај највисокорангираните наставници во различни училишта во Македонија во согласност со екстерното тестирање. Наставниците со највисоки оценки на екстерното ќе бидат делумно предавачи на теоретскиот дел и делумно ќе вршат обуки за оние што ќе бидат на практика кај нив. На академијата ќе предаваат најдобрите универзитетски професори од државава и од странство. Наставниците што веќе завршиле Педагошки факултет ќе добијат одреден законски рок што ќе биде сосема доволен да ја завршат едногодишната академија. Тоа нема да важи само за наставниците што работат повеќе од 10 години - информира тој. 

Како што беше најавено, за сите овие предлози и новини ќе се слушнат мислењата на наставниците, родителите, на експертите од областа, а ќе се видат и меѓународните искуства. 

16.07.2014 - 15:12
Фото: 
лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега