Милошоски: За самит се потребни двајца - одлуката на претседателот е исправна
И за танго и за самит се потребни двајца, тангото за да се изигра, а самитот за да се растури и во овој случај, за жал, несогласувањето на линија Белград - Приштина - Тирана беше основната причина за неодржување на самитот заради кој да учествува, а кој да не учествува, изјави за МИА пратеникот и поранешен шеф на македонската дипломатија Антонио Милошоски во врска со откажувањето на претседателскиот самит во Охрид.
- Мислам дека претседателот Иванов донесе тешка, но сепак принципиелна одлука бидејќи подобро е самитот за регионална соработка да не се одржи во услови кога реално и нема политичка волја за суштински напредок во регионалната соработка. Доколку самитот се одржеше ќе имаше повеќе протоколарна отколку конкретна политичка тежина, истакна Милошоски.
- Република Македонија како земја е подготвена за регионална соработка со сите земји од ЈИЕ, но нашата подготвеност за таква регионална соработка не може да биде компензација за неподготвеноста на некој друг. Затоа сметам дека овој самит и покрај тоа што нема да биде одржан, сепак, испраќа еден јасен сигнал и едно, би рекол, продуктивно укажување и предупредување до сите земји-членки на ПСЈИЕ дека регионалната соработка има многу недостатоци кои нема да се надминат со формални изјави и говори, туку ќе треба да бидат надминати со суштински дијалог, рече Милошоски.
Во однос на реакциите што стигнуваат од земјите-членки на ЈИЕ, од оние што може да се слушнат по дипломатски канали, посочи дека тие сметаат оти одлуката на претседателот Иванов е искрена и исправна.
- Подобро некои работи, и тоа токму во еден вака клучен момент, да се кажат гласно и јасно, отколку да се ставаат под црвениот тепих на регионалните самити со години или со децении, истакна Милошоски.
ФОТО: Дневник