Владата во сенка ќе ги чека социјалдемократите да се вратат од одмор

 

Откако опозиционерите донесоа одлука да не учествуваат во работата на Собранието, најавија паралелно институционално функционирање. Влада, но и формирање на собрание во сенка беше адутот на СДСМ откако ги поднесоа оставките од пратеничките функции. Според најавите, формирањето на влада и собрание во сенка на Бихаќка" ќе бидат пандан на веќе постоечките институции и според нивните очекувања, ќе донесат повеќе гласови за СДСМ. Но, со оглед на досегашните случувања, може да се заклучи дека формирањето на овие инструменти нема да биде наскоро, односно најавената влада во сенка може да се очекува најрано во септември. Внатрепартиски извори брифираат дека оваа идеја започнала да се реализира на внатрепартиско ниво, но стратегијата на дејствување, како што велат, се уште е во изработка. Новата форма на организирање очекуваат да донесе позитивни промени во партијата и поголем успех на следните избори, анализира Вечер.

Дебатата за стратегијата опозиционерите ја започнаа со дебати низ градовите, но наместо дефинирање на дејствувањето во иднина, повикаа на формирање на широк граѓански фронт. Остануваат децидни дека во Собранието нема да се вратат. Во меѓувреме, собранискиот спикер, Трајко Вељаноски, остави простор за понатамошен политички дијалог и донесе одлука да не ги констатира оставките на опозициските пратеници до есен.

На Бихаќка" се коментира дека идејата за влада и собрание во сенка се во план и покрај тоа што засега се ставени во мирување. Оваа форма на дејствување поинтензивно би се разгледувала доколку власта под ниту еден услов не прифати техничка влада. Иако се децидни дека се работи на реализација на влада и собрание во сенка, од СДСМ засега не излегуваат со детали за составот и бројката на новопланираните институции. Она што засега е неофицијално познато е дека во Собранието на опозицијата ќе има 123 пратеници, вклучувајќи ги тука и триесетината пратеници кои по партиска директива поднесоа оставки од функцијата. Пратениците во Собранието во сенка, најверојатно, ќе дебатираат по претходно утврден дневен ред, кој понекогаш ќе се поклопува со дискусиите во законодавниот дом.

Во рамките на граѓанскиот парламент опозицијата предвидува да се формираат и комисии во кои би се организирале дебати и дискусии од кои ќе произлезат забелешки за владините предлог-закони, но и понуда на предлог-мерки за надминување на проблемите во државата. По примерот на Собранието на Република Македонија предвидено е опозицискиот парламент" да има координатор и уште неколку заменици-координатори, а на неговите заседанија ќе се повикуваат експерти за проблематиките што се на дневен ред во дадениот момент.

СДСМ засега останува на ставот дека нема да се врати во Собранието и условува со петте барања кои ги поставија на преговарачката маса со Никола Груевски за да се постигне политички дијалог. Фокусот и понатаму останува на техничката влада, која во изминатиот период ги закочи преговорите меѓу двете најголеми партии од македонскиот блок бидејќи и од двете адреси стигна потврда дека ниту едната ниту другата страна немаат намера да отстапат од својот став. Но, тоа што опозицијата цврсто стои на намерата да не отстапи од договорот за дистанцирање од Парламентот доколку нема политички договор со ВМРО-ДПМНЕ, како што брифираат од СДСМ, дополнително ја потврдува иницијативата за формирање собрание надвор од Собранието" како дел од платформата за вонинституционално дејствување. Бидејќи се остава време да се види како ќе течат преговорите со власта, брифираат од партијата, засега иницијативата е замрзната. 
Ова не е прв пат опозицијата да е надвор од законодавниот дом и пред Собранието да организира собири и дебати, нарекувајќи ги граѓански парламент. По настаните од 24 декември пред неполни две години, опозицијата одлучи да го бојкотира Собранието и преку граѓански собири кои ги блокираа главните крстосници организираше дебата во т.н. граѓански парламентт.

14.07.2014 - 10:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега