Вечерва сите пред ТВ - кој ќе го освои светот, магионичарот Меси или моќната „Дојче машин“?

 

Финалето на Мундијалот во Бразил вечерва почнува во 21:00 часот, на неверојатната „Маракана“ каде што ќе истрчаат двата моќни титани, репрезентациите на Германија и Аргентина. За нив ова ќе биде трето финале на кое ќе ги измерат меѓусебно силите. Досега по една победа имаат и двете селекции. „Гаучосите“ во 1986 година во Мексико славеа со 3:2, додека „Панцирите“ во Италија во далечната 1990 победија мининално со 1:0. 

И двете репрезентации влегуваат со подеднакви шанси, а за тоа говорат и досегашните резултати, односно скор од пет победи и еден нерешен резултат. 

Германија во групната фаза одигра нерешено со Гана (2:2), додека Аргентина во полуфиналето со Холандија одигра 0:0 и победи на пенали.

За Германија ова ќе биде осмо финале со што се репрезентација со најмногу финални натпревари, но имаат освоено три титули (1954, 1974 и 1990 година). Аргентина ќе го игра своето петто финале на Мундијалите, а има две титули (1978 и 1986 година).

На последните две Светски првенства Германија двапати ја елиминира Аргентина во четвртфиналето: 2006 година на шампионатот во Германија беше 1:1 и на пенали 4:2, а 2010 година во Јужна Африка, Германија славеше со 4:0. Овие две селекции имаат одиграно уште два натпревара во групните фази на светските првенства 1958 година и 1966 година.

За финалето проблеми со повреди на играчи има селекторот на Аргентина, Алехандро Сабеља, бидејќи неизвесен е настапот на Анхел Ди Марија. Капитенот на „гаучосите“ Лионел Меси ќе ја предводи својата репрезентација. Во таборот на Германија нема проблеми со повреди, па така селекторот Јоаким Лев ќе смета на сите играчи, а пред се големи се очекувањата од Мануел Ноер, Матс Хумелс, Тони Крос и Томас Милер.

Финалето ќе го суди Никола Рицоли од Италија. 

13.07.2014 - 10:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега