Апели за мирни протести од сите страни: Бидете разумни и смирени!

Апели за мирни протести пристигнаа од сите страни. Македонскиот премиер Никола Груевски, претседателот Ѓорге Иванов и речиси сите релевантни политички субјекти вчера повикаа на мирни протести.

- Апелирам до граѓаните кои што не се дел од оваа помала група на верски фанатици и радикали под влијание на други подалечни држави и со други цели, ним им апелирам внимателно да го следат процесот, да не потпаѓаат под дневни манипулации на одредени портали или поединечни новинари или медиуми. Некогаш и тие се заведени, некогаш се и дезинформирани, рече Груевски во гостувањето во вестите на албански јазик на МРТ 2.

Премиерот истакна дека секој треба внимателно да процени пред да донесе заклучок, изразувајќи убедување дека времето ќе покаже кој бил во право.

- Убеден сум дека времето ќе докаже кој е во право дали е судот во право или групата насилници кои што се обидоа и повредија многу полицајци. Меѓу повредените полицајци имаше и многу Албанци, рече Груевски.

На протести без насилство повикаа и ДУИ, ДПА и СДСМ. Европската Унија исто така ги повика граѓаните на Република Македонија да останат смирени и да се воздржат од насилство.

- Сите граѓани имаат право да демонстрираат и да ги изразат своите ставови на мирен начин, но не и правото да се вклучат во деструктивни или насилни акти, вели Коцијанчич за МИА.

И Стојанче Ангелов ги повика граѓаните да бидат разумни и да не излегуваат на протести.

-Македонски патриоти! Не излегувајте на денешните контрапротести. Може да предизвикате крвопролевање. Може да предизвикате војна. Не отежнувајте ја работата на македонската полиција. Не загрозувајте го животот на нашите специјалци. Не ставајте ги помеѓу два огна нашите полицајци!, напиша Ангелов на Фејсбук.

Министерството за внатрешни работи повика на смиреност, потенцирајќи дека е подготвено да се справи со протестите и дека насилството нема да се толерира.

11.07.2014 - 10:53
Фото: 
Вести.мк
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега