Груевски: Веибо Груп интензивно се подготвува за инвестицијата во Македонија

Веибо Групацијата забрзано се подготвува, дури и побрзо од нашите очекувања. Веќе се при крај со проектите и се надевам дека до крајот на оваа година ќе започнат со градба која планираат да не трае подолго од една и пол година, а ќе се обидат да трае и пократко и веднаш потоа да стартува фабриката со вработувањата кои ќе се одвиваат етапно до 5.000. Компанијата е во големи подготовки, веќе ни ги покажаа проектите нацртани од архитект, а Македонија ќе биде четвртата држава каде ќе отворат  неколку текстилни фабрики меѓу кои и за базичен текстил, изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање за неговите впечатоци од средбата со првите луѓе на компанијата Веибо Груп и за нивните планови, во рамки на неговата посета на НР Кина, како дел од турнејата низ азиските земји.

- Веибо Групацијата во текот на април ја објави својата инвестиција во Македонија, откако претходно околу пет-шест месеци разговаравме со нив. Не посетија и во повеќе контакти соопштија дека ќе вработат околу 5.000 луѓе во период од четири или пет години и дека планираат да градат текстилни фабрики. Овој пат бевме запознаени со деталите на нивната програма. Практично ја посетив нивната фабрика, некои од нивните изложбени салони, односно продавници за продажба на нивните производи во Кина. Се работи за компанија која свои фабрики има во Кина, Камбоџа и во Турција, истакна денеска Груевски по отворањето на новиот скејт - парк во Скопје.

Покрај текстилните фабрики во кои главно ќе се произведува машка конфекција, додаде Груевски, планираат и отворање најмалку уште две фабрики од областа на челичната индустрија, производство на челични профили за градби на згради и други челични и други метални профили кои се потребни за изолации во градежната индустрија.

- Сите сакаат да ги сместат на една локација, а тоа е на локација некаде во североисточна Македонија, на потегот меѓу Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Куманово, најверојатно некаде во средина, односно во близина на Ранковце. Сакаат да привлечат работници од Крива Паланка, Кратово, Ранковце и Куманово. Се работи за голема бројка вработувања и дефинитивно ја потврдија бројката од 5.000 вработувања, рече Груевски.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, објасни Груевски, имал детални разговори со главниот архитект на компанијата кој ги изведува работите со кого разговарал околу точната динамика на изградба на оваа индустриска зона.

- Се работи за многу силна компанија која во моментот вработува 14.400 луѓе во тие три држави. Овие нови 5.000 луѓе кои ќе ги вработат ќе ги донесат до 20.000 вработени. Имаат 2.900 продавници низ Кина. Што е најважно покрај тоа што ќе вработат основни работници за текстилната и за челичната индустрија, тука ќе има вработувања за многу други, односно ќе се вработуваат правници, економисти, различни типови инженери, машински, електро, информатичари и други профили на образование кои ќе си го најдат своето место токму таму, истакна Груевски.

Тие, објасни премиерот Груевски, неформално велат дека можеби по четири пет години ќе ја надминат бројката од 5.000 вработувања меѓутоа не преземаат обврска, односно не можат да гарантираат, гарантираат за сигурни 5.000 вработувања. 

07.07.2014 - 14:28
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега