Груевски: За четири месеци вработени 2.400 млади лица со владината мерка

2.400 млади лица до 29 години се вработија со владината мерка за да ги стимулира работодавачите да вработуваат млади лица, информираше денеска премиерот Никола Груевски посочувајќи дека проектот е успешен и се одвива одлично. 

- Некаде во март беше усвоена во Парламентот и почна да се спроведува мерка со која на младите до 29 години, односно на нивните работодавачи, ако ги вработат во првите 12 месеци, им се овозможува да не плаќаат придонеси и персонален данок на доход, што претставува околу 37 отсто од бруто-платата. Имаат обврска да ги задржат уште 12 месеци на работа, истакна премиерот, одговарајќи на новинарско прашање по денешното пуштање во употреба на Скејт парк во Скопје.  

Мерката, рече Грѕуески, се одвива одлично и за само четири месеци се одобрени 2.400 апликации, бидејќи вработувањата се вршат по барање на работодавачот.

Предвидено е проектот да трае 12 месеци и потоа ќе се разгледа дали има потреба да се продолжи.

- Како и да е, 2.400 млади лица до 29 години си добија вработување на основа на оваа владина мерка и мене ми е задоволство што придонесовме во тој дел со една од мерките на Владата, рече Груевски.

07.07.2014 - 14:19
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега