НБРМ организира конференција во Охрид

Во соработка со централните банки на Холандија и Португалија, Македонската народна банка ја организира Седмата конференција за платните системи и системите за порамнување хартии од вредност, која ќе се одржи во Охрид во периодот од 6 до 9 јули 2014 година. Воведно обраќање на Конференцијата ќе има гувернерот на Народната банка, Димитар Богов.

Конференцијата има меѓународен карактер и во неа ќе земат учество претставници од деловните банки, клириншките институции и Министерството за финансии на Република Македонија, претставници од централните банки на Бугарија, Полска, Словачка, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска, Црна Гора и на Чешка, како и претставници на „Еуроклиар“ (Euroclear) и „Комерцбанк“ (Commerzbank). На Конференцијата ќе учествува и претставник на Комитетот за системите за плаќање и порамнување при Банката за меѓународни порамнувања, кој ќе ја промовира Црвената книга за системите за плаќање, клирингот и порамнувањето во Република Македонија, издадена од Банката за меѓународни порамнувања во соработка со Народната банка на Република Македонија.

Конференцијата за платни системи и системите за порамнување хартии од вредност, која  по седми пат се одржува во Република Македонија, прераснува во еден вид платформа за активна соработка меѓу централните банки, како во нашиот регион, така и пошироко во Европа, на која учествуваат централните банки од земјите-членки на Европската Унија и земјите-кандидатки за членство. Се очекува   Конференцијата да понуди размена на искуства од областа на платните системи и системите за порамнување на хартиите од вредност и нивната интеграција во рамки на Европската Унија, иновативните, општественокорисните и сигурните платни производи и услуги, финансиската вклученост и платежните канали на пренос на дознаки,управувањето со обезбедувањето и ликвидноста, како и на безбедносните аспекти на плаќањата.

Се очекува оваа конференција да придонесе за збогатување на познавањата на домашните експерти од областа на платните системи, со што би се подигнале капацитетите за непречена интеграција на Република Македонија во Европската Унија, како и подобрување на оперативната подготвеност на Народната банка на Република Македонија за приклучување во системот на Европските централни банки во делот на плаќањата.

07.07.2014 - 10:02
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа