ДУИ изразува загриженост за вчерашните протести

Демократската Унија за Интеграција изразува загриженост за вчерашните настани во Скопје за време на граѓанските протести против судската одлука на првостепениот суд во врска со петкратното убиство кај Смилковското езеро, за кои шест лица беа осудени на доживотен затвор.

- Уште од трагичниот настан се до денес, ДУИ бара сторителите на кривичното дело да излезат пред правдата и вината да се докаже со факти и силни докази. ДУИ имаше чести средби со семејствата на осомничените и адвокатите на одбраната, вклучувајќи ја и последната која се одржа во четвртокот, 3 јули годинава, каде беше констатирано дека одлуката на првостепениот суд не е конечна и дека Апелациониот суд треба да ги има предвид општата загриженост која што се појави во текот на судењето во првиот степен, се вели во писмената реакција од ДУИ.

Оттаму апелираат до сите инволвирани страни максимално да се воздржат од насилство, бидејќи, како што посочуваат, вчерашните настани не помагаат ниту во процесот, ниту на осудените, ниту на семејствата, но ниту на оние кои се обидуваат да придонесат преку институционален пристап кон решавање на овој многу сложен случај. Сепак посочуваат дека го поддржуваат правото на мирни протести на граѓаните.

- Вчерашното насилство низ улиците на Скопје ни го попречува понатамошното ангажирање во насока на расветлување на вистината до завршувањето на сите правни процедури, вклучувајќи го Апелациониот суд,  Врховниот, но и Судот во Стразбур, потенцираат од ДУИ.

ДУИ бара од граѓаните, медиумите, граѓанското општество,  лидерите на јавното мнение, како и сите засегнати страни во врска со пресудата на првостепениот суд да го дадат својот конструктивен придонес во следните процеси за да се овозможи расветлување на вистината. 

05.07.2014 - 14:03
Фото: 
алсат
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега