Продолжува фестивалот „Скопско лето“

Продолжува фестивалот „Скопско лето“. Во Детскиот театарски центар во скопската чаршија вечерва ќе гостува Мал драмски театар Битола со камерната претстава „Корекција“, според истоимениот драмски текст на современиот српски писател Зоран Гаши.

- Претставата се занимава со темата на траумите по бурниот распад на ЈУ-федерацијата и со сите нијанси на човековата болка и страдање што со себе ги носи војната. Оваа драмска адаптација е строго интимно профилирана и ги илустрира конфликтите помеѓу она порано и ова сега со болната транзиција, која се храни токму со трагични човекови судбини, соопшти „Скопско лето“.

Во претставата учествуваат актерите Борис Чоревски, Здравко Стојмиров, Сандра Грибовска и Александар Стефановски. Претставата е во режија на Ник Упер, драматургијата, сценографијата и изборот на музика е на Нико Горшич, видеодизајнот на Павле Михајловски, костимограф е Марија Пупучевска.

На Факултетот за ликовни уметности - Сули ан, пак, денеска од 11 до 15 часот ќе биде претставена звучна инсталација „Скопска сонорност“  на композиторот, музички продуцент, истражувач и едукатор д-р Роберт Саздов.

Тој е член на Интернационалната асоцијација за компјутерска музика (ИЦМА), Мрежа за студии на електроакустична музика (ЕМС), австралискиот Сојуз за компјутерска музика, каде членувал во Извршниот одбор од 2003 до 2007. Неговите дела се изведени на фестивали и концерти во Канада, Кина, Чешка, Франција, Германија, Велика Британија, Ирска, Нов Зеланд, Романија, Јужна Америка, Шведска, САД и Австралија.  Има богато педагошко искуство во дисциплините на музичката технологија, композиција, музичка продукција, аудио инженерство, психоакустика, етномузикологија и популарна музика. 

04.07.2014 - 08:34
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега