Момче со „Опел Вектра“ влета во дуќаните на „Илинденска“

23 годишниот тетовчанец С.М. заработил телесни повреди откако вчера вечер со автомобил се забил во дуќани лоцирани на булевар „Илинденска“ во Тетово.

Според информациите на МИА од тетовската полиција, момчето изгубило контрола над автомобилто „Опел Вектра“, излетал од улицата и се удрил во излозите од дуќаните. Несреќата се случила околу 21:30 часот.

- Од излетувањето, возачот кој бил сам во возилото, се здобил со телесни повреди, пренесен е во тетовската клиничка болница и по укажаната помош пуштен е на домашно лекување. Извршен е увид а причина за излетувањето е неприлагодена брзина додека вкупната материјална штета се проценува на 90 илјади денари, вели за МИА портпаролот на тетовската полиција, Марјан Јосифовски.

Како што информирал Јосифовски, во текот на минатиот и овој месец, во тетовскиот регион биле регистрирани преку 20тина излетувања од пат, кои се последица на пребрзо возење и неприлагодување на условите на патот. Овие несреќи најчесто се случувале во врнежливи денови и на лизгави патишта. Возачите најчесто удирале во заштитна ограда, во други возила или во електрични столбови.

 

Јосифовски апелира до возачите да не возат пребрзо, посебно не во врнежливи денови и во населени места. Тој порачува максимално да се внимава и да се почитуваат ограничувањата на брзината. Тој најавува ригорозни казни за уличните самоволија на поединци со чкрипење на гумите при стартување на возилата, организирање мото-трки и слично. Казната за овие прекршоци изнесува 45 евра во денарска противвредност, додека за причинување бучава со возила глобата е 20 евра.

03.07.2014 - 13:58
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега