Владината делегација денеска во Кина

Владината делегација на чело со македонскиот премиер Никола Груевски по посетата на Јапонија и Република Кореја, од денеска е во посета на Специјалниот административен регион Хонг Конг, кој е дел од Народна Република Кина.

Груевски ќе се сретне со претседателот на Извршниот совет на Хонг Конг, Ленг Чун-јинг, а ќе оствари посета и на хонгконгшката болницата Квин Мери (Queen Mary), каде ќе разговара за соработка во областа на здравството, а ќе се обрати и на бизнис форум организиран од „Фајненшл Тајмс“.

Македонската делегација ќе го посети и градот Гуангжу кој претставува седиште на мултинационалната компанија „Веибо“ која веќе има донесено одлука за инвестирање во Македонија и отворање на фабрика во североисточниот реон со која ќе се отворат околу 5.000 работни места. Планирани се средби и со политичките претставници на регионот Гуангдонг.

Со посетата на Кина, владината делегација ќе ја заокружи посетата на државите од азискиот континент.

Владината делегација претходно ја посети Република Кореја, каде пред бизнисмените од оваа азиска држава ги презентира поволните услови за инвестирање во Македонија на бизнис форум, што се одржа во Сеул, а беше организиран во соработка со „Фајненшл Тајмс“.

Пред Кореја, македонската делегација ја посети Јапонија каде Груевски оствари средби со принцот Нарухито и со премиерот Шинзо Абе. На бизнис форум беа промовирани поволностите за инвестирање, а во функција на овозможување на услови за соработка во областа на здравството, беше реализирана и средба со менаџерскиот тим на болницата Токио Џенерал Хоспитал. 

03.07.2014 - 08:40
Фото: 
MIA
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега