Министерство за здравство: Реакцијата на Хелсиншкиот комитет е паушална и неоснована

Во врска со реакцијата на Хелсиншкиот комитет доставена преку медиумите, а во врска со предлог-законот за предвремено прекинување на бременоста, Министерството за здравство сака да ја информира јавноста дека истите се целосно паушални и неосновани. Имено, со член 2 став 1 од предложениот закон, децидно и изрично е кажано дека „Прекинување на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена“, нешто што веројатно авторите на текстот не го прочитале и е согласно досега важечката легислатива. Од друга страна, прекинувањето на бременоста е медицинска интервенција којашто е сериозна процедура и за истата е потребна писмена согласност за извршување, како и за секоја друга инвазивна медицинска процедура. Одредба, којашто има за единствена цел да осигура дека бремената жена е соодветнпо информирана и свесна за сите можни последици од истата.

Времето на чекање од три дена е едно од најкусите во споредба со останатата важечка легислатива во Европа, на пример во Холандија е 5 дена, во Белгија 6 дена, Франција 7 дена а во Данска дури 14 дена. Дали и овие земји се косат со постојните медицински насоки и ставовите на Светската здравствена организација?

Уште еднаш потенцираме дека со предлог Законот, до 10-та недела, бремената жена самостојно одлучува без никаков проблем за прекинувањето на бременоста, освен ако за тоа постојат сериозни медицински индикации, а дополнително, на барање на бремената жена, првостепената комисија може да одобри и прекинување на бременоста и по 10-та недела поради повеќе причини, меѓу кои: кога врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето, кога врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци, кога до зачнувањето дошло во врска со извршување кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење, и кога ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето би можела жената да дојде во тешки, лични семејни, метеријални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје. Овие одредби се клучниот сегмент кој го прави нашето законодавство либерално во поглед на прекинувањето на бременоста.

На крајот, ги повикуваме сите одговорни субјекти во Република Македонија да се воздржат од давање коментари без основ, кои за единствена цел имаат да ја дезинформираат македонската јавност и да дадат неточна перцепција за целите за доставување на овој предлог на закон во собраниска процедура.

Интегрален текст од реакција на Министерството за здравство.

ФОТО: Нова Македонија