Собранието го усвои Извештајот на Народниот правобранител за 2013 година

Собранието на Република Македонија попладнево расправаше и го усвои Извештајот на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2013 година.

Во 2013 година Народниот правобранител постапувал по 4.599 претставки, од кои во извештајниот период биле примени 3.780, а останатите биле пренесени од претходната година. Статистички, 38 проценти се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт,  33 на повреда од страна на јавните служби и установи, во 9 проценти од страна на правни лица, исто толку и од локалната власт, а 8 проценти од подносителите се жалеле на повреда на права од други субјекти.

Претходно, во претпладневниот дел од седницата Собранието ги избра пратениците Антонио Милошоски и Рафиз Аљити за потпретседатели на Собранието. Третото потпретседателско место останува празно поради неучеството на опозицијата во работата на Парламентот. Милошоски и Аљити денеска дадоа свечени изјави во Собранието.

Собранието ја изгласа одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција, ИСАФ во Авганистан. Министерот за одбрана Зоран Јолевски образложи дека Македонија испраќа петмина штабни офицери во рамките на штабната команда Север во Мазел ел Шариф.

Собранието на Република Македонија денеска ги верификуваше мандатите на девет нови пратеници кои дојдоа на местата на министрите и на премиерот и на оние кои поднесоа оставки. 

Нови пратеници се Андон Чибишев, Светлана Јакимовска, Марија Ангелова, Ѓорѓи Коџобашиев, Благородна Бојаџиева, Алил Ибраими, Драган Данев и Јасмина Дамчевска.

Констатирана беше и оставката на функцијата пратеник која вчера ја поднела Шкодране Дарлишта од листата на ДУИ.

Пратениците треба да разгледаат и годишни извештаи за 2013 година на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, на Агенцијата за администрација, на Дирекцијата за заштита на личните податоци, на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер,  на Државната комисија за жалби по јавни набавки на Комисијата за заштита на конкуренцијата, на Советот за радиодифузија на Република Македонија, на Агенцијата за електронски комуникации, на ЈРП Македонска радио телевизија, на Агенцијата за пошти, на Комисијата за хартии од вредност и на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Собранието попладнево ја почна и ја заврши расправата по Извештајот за работата на Судскиот совет на Република Македонија, а по него дополнително ќе се гласа. 

02.07.2014 - 17:59
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега