39.000 македонски семејства нема да плаќаат радиодифузна такса

39.000 семејства кои користат социјална помош, ќе бидат ослободени од плаќање на радиодифузна такса. Долговите од минатото, пак, ќе им бидат отпишани.

ОВа денеска на прес-конференција го соопштија министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Спасов информираше дека се преземаат конкретни мерки за социјално ранливите категории со цел да им се олесни секојдневното живеење.

-Од плаќање на радиодифузна такса, според новите законски измени опфатени се примателите на социјална помош и постојаните приматели на помош. Тие доживотно ќе бидат ослободени од плаќање на такса. Ослободувањето ќе се врши на тој начин што министерството ќе изработи список на приматели на помош. Списокот ќе биде доставен до министерството за информатичко општество, УЈП и МРТВ, истакна Спасов на денешната прес-конференција.

Владата во моментов, додаде министерот, работи и на неколку други мерки кои ќе им го олеснат живеењето на социјално-ранливите категории. Меѓу нив се отпис на долгови за електрична, топлинска енергија, долгови на кредитни картички, проектите енергетска сиромаштија, топол дом…

Во Македонија во моментов има 34.000 приматели на социјална помош, како и 5.000 приматели на постојана парична помош.

Ивановски информираше дека социјалните корисници кои имаат долгови кон јавниот сервис ќе бидат изземени од извршување на наплата од страна на Управата за јавни приходи.

-Во моментов работиме на систем за креирање на јавниот радиодифузен сервис со кој ќе се оформи модел за сигурна наплата на радиодифузната такса и ќе се подобри програмата, објасни денеска министерот Ивановски.

Од буџетот за МРТВ, додаде Ивановски, годишно се одвојуваат 240 милиони денари.

02.07.2014 - 11:28
Фото: 
MIA
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега