Грчката Влада се закани дека ќе прогласи општа мобилизација

Владата во Атина предупреди дека ќе прогласи општа мобилизација доколку вработените во Националната електро компанија (ДЕИ) ја запрат работата и ја намалат енергетската моќност во земјата во екот на летната туристичка сезона во знак на протест против плановите на владеачката коалиција за приватизација на компанијата, соопштуваат грчките електронски медиуми.

-Не може синдикалците да се мешаат во стратегските одлуки на Владата....Националната електро компанија не е нивна и тие немаат право да ја запираат струјата, бидејќи тоа е саботажа против државата, уште повеќе што во земјата се очекува да дојдат 20 милиони туристи. Можат ли тие да останат без климатизери? Синдикалците нема да управуваат и Владата ќе ги преземе сите мерки за да не се случи тоа, изјави владината портпаролка Софија Вултепси за радио Скај.

Синдикатот на грчките енергетичари соопшти дека од денеска во Националната електро компанија почнуваат серија штрајкови и во нив ќе учествуваат вработените во сите делови на компанијата. Електродистрибутивната компанија предупреди, исто така, дека планира штафетно запирање на струјата.

Протестите почнуваат во момент кога се очекува во грчкиот Парламент да почнат расправите за предлог законот, што на Владата и дозволува во текот на 2015 година да ја приватизира енергетската компанија.

02.07.2014 - 09:29
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега