„Ако се смени името ќе се укине и македонскиот народ" - група интелектуалци бара прекин на преговорите за името

Група интелектуалци од Македонија бара итен прекин на преговорите за спорот со името со Грција и барање за прием во Обединетите нации под името Република Македонија бидејќи според нив на тој начин ќе се обезличи државата и ќе укине македонскиот народ.

- Притисокот за промена на името може да се квалификува како најнов вид геноцид, по физичкиот, јазичкиот и религискиот сегмент, што е модерна измислица на САД и на ЕУ, базирана на нелегалните барања на Грција, се вели во Македонскиот манифест кој дпосега го потпишаа 50-тина интелектуалци, уметници, професори, правници, a чија содржина денеска беше презентирана на прес-конференција.

- Името е архетип на душата на еден народ, извор на неговиот севкупен идентитет. Изместувањето на само една буква или лепење на придавка претставува негова деструкција, изместување на народот од неговото историско, цивилизациско, антрополошко и културно лежиште, се вели во Манифестот.

- Легитимни се и неспорни аспирациите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, меѓутоа, тоа во никој случај не смее да се реализира со виткање на ’рбетот и губење на достоинството. Нема цена која може да го натера народот да потклекне и да се самоукине. Македонците се исклучиво трпелив и толерантен народ, ама за се има свои граници, се истакнува во Македонскиот манифест.

Манифестот ќе можат да го потпишат сите граѓани во Македонија и да му порачаат на светот дека на оваа територија живеат Македонци, кои не се согласуваат со промената на името и оти нема да потклекнат на притисоците.  Инаку, во иницијативниот одбор на Македонскиот манифест се поетот Ефтим Клетников, композиторот и диригент Запро Запров, историчарот Стефан Влахов Мицов, универзитетскиот професор Слободан Пренџов, писателот Александар Русјаков и композиторот Стојан Стојков,... 

најчитано сега