Мекејлеб, Антиќ, Чековски, Илиевски на списокот на селекторот Џикиќ

Новиот селекторот на машка репрезентација на Македонија, Александар Џикиќ, за утре (вторник) со почеток од 10 часот во СЦ „Борис Трајковски’’ ја закажа првата прозивка на кошаркарите пред стартот на подготовките за квалификациите за Европското првенство 2015.

Подготовките на репрезентацијата ќе се одвиваат во Скопје и Охрид пред стартот на квалификациите на 10 август.

Репрезентацијата ќе тренира секој ден по два пати, во претпладневниот термин од 10 до 12 часот и во вечерниот термин од 19 до 21часот во СЦ „Борис Трајковски’’.  Првите десет дена подготовките ќе минат во Скопје, по што репрезентативците ќе продолжат со редовна работа во Охрид, каде ќе го одиграат и првиот од двата подготвителни турнири.

На турнирот во Охрид, кој ќе се игра од 16 до 18 јули, покрај Македонија, ќе учествуваат и Романија, Грузија и Австрија.

По овој турнир репрезентацијата се враќа во Скопје каде од 25 до 27 јули ќе се одигра и вториот турнир на кој ќе настапат селекциите на Полска, Италија и Црна Гора.

Кошаркарите ќе останат во главниот град се до стартот на квалификациите, односно 10 август за кога е закажан дуелот со Белгија.

Според распоредот следуваат три гостувања и тоа: Данска (13 август), Белорусија (17 август) и Белгија (20 август), а последните два натпревари македонските кошаркари ќе ги одиграат пред својата публика во Скопје против Данска (24 август) и Белорусија (27 август).

Дали се ќе оди според планот, по најавата на кошаркарите за бојкот на репрезентацијата, и со кои кошаркари Македонија ќе игра во овој циклус квалификации останува да се види.

Потсетување дека на листата од 24 кошаркари пријавени во ФИБА Европа за настап за репрезентацијата за овој циклус квалификации се и имињата на: Перо Антиќ и Предраг Самарџиски кои најавија дека нема да настапат во овој квалификациски циклус, како и Ѓорѓи Чековски кој најави повлекување од репрезентацијата.

Од натурализираните играчи, покрај Лестер Бо Мекејлеб на поширокиот список се и Дариус Вашингтон и Ричард Хендрикс, а од кошаркарите кои минатата година настапија на ЕП во Словенија пријавени се: Владо Илиевски, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Александар Костоски, Дарко Соколов, Владимир Брчков и Стојан Ѓуроски.

Списокот на Џикиќ го комплетираат: Кирил Николовски, Андреј Магдевски, Марјан Јанески, Оливер Двојаковски, Марко Симоновски, Бојан Трајковски, Бојан Крстевски, Ивица Димчевски, Љубомир Младеновски, Михајло Арсоски и Андреј Маслинко

30.06.2014 - 22:03
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега