Пензионерите бесплатно и во воз

Секој втор викенд од месецот, почнувајќи од јули, жените постари од 62 и мажите постари од 64 години бесплатно ќе патуваат со воз. За да добијат бесплатен билет со патничко осигурување, тие на билетарите ќе треба да приложат само лична карта.

Ова е новата мерка која ја донесе Владата, а која денеска ја образложија министрите за труд и социјална политика и за транспорт и врски Диме Спасов и Миле Јанакиески, и директорот за АД Транспорт Оливер Деркоски.

- Мерката овозможува втор календарски викенд во тековниот месец, односно петок, сабота и недела, пензионерите, односно жените постари од 62 години и мажите постари од 64 години да го користат железничкиот транспорт бесплатно и тоа за дестинацијата која ќе ја изберат. Утре Сојузот од АД Транспорт ќе направат флаери кои ќе биде дистрибуирани до сите здруженија на пензионери со цел да се информираат како да го искористат превоз, рече министерот Јанакиески пред преставниците на Сојузот на здруженија на пензионерите.

Спасов по средбата истакна дека со оваа мерка дополнително се подобруваат условите за живот на пензионерите и старите лица. Таквата политика, најави тој, ќе продолжи и во иднина.

- Оваа мерка беше дел од нашата Програма, чиј рок за реализација беше јули 2015 година, но како Влада изнајдовме начин заедно со АД Транспорт како таа да се реализира побрзо. Дополнително за подобрување на животот на пензионерите е одлуката на Градот Скопје во соработка со Владата и недела да биде градскиот превоз во Скопје да биде бесплатен за пензионерите. МТСП продолжува со реализација на проекти кои се во насока на подобрување на условите за живот на овие лица, истакна Спасов.

Во септември и октомври годинава, додаде тој, продолжува проектот за бесплатна бањско климатска рекреација.

- Тогаш ќе бидат исплатени уште 1.050 пензионери, а наредната година дополнително уште 5.000 пензионери. Во 2015 година ќе започне и проектот за бесплатен викенд за пензионерите во Македонија, така што во континуирана комуникација ќе наоѓаме решенија и ќе спроведуваме проекти за предизвиците со кои се соочуваат пензионерите, рече министерот Спасов.

Првиот човек на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија Драги Аргировски изрази задоволство од новата мерка и надеж дека, како што рече, успешната соработка со Владата ќе продолжи и во иднина.

- Оваа мерка ќе овозможи поголема мобилност на пензионерите. Сите пезнзионери се задоволни. Тие ќе можат да ги посетуваат своите родни краишта, но и оние кои живеат во другите градови од Македонија да дојдат во Скопје, истакна Аргировски.

Ова, додаде, е дел од она за што разговаравме на денешната средба. Ќе ја продолжиме соработката со Владата за унапредување на животот на пензионерите.

30.06.2014 - 15:30
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега