Македонските кошаркари ја бојкотираат репрезентацијата

Македонските кошаркари донесоа одлука да ја бојкотираат репрезентацијата се додека Кошаркарската федерација не го укине правилото со кое им дозволува на клубовите да ангажираат по 6 странски играчи. Здружението на кошаркари денеска испрати соопштение и писмо до МКФ, кое ви го пренесуваме интегрално.

„Ова писмо се доставува до одговорните лица на Македонската кошарка, како највлијателно тело одговорно директно за развојот на Македонската кошарка, а со тоа и на Македонската кошаркарска репрезентација. Поттикот да се размислува што ќе се случува со иднината на кошарката во државата, откако е донесено новото правило кое дозволува настап на 6 странци без ограничувања, е решено да се делува на единствениот начин кој ќе покаже како ќе изгледа нашата репрезентација за неколку години.

Со други зборови, репрезентативците, подржани од сите македонски играчи од Здружението на кошаркарски играчи на Македонија, нема да се појават на првиот собир на репрезентацијата. Овој револт има симболика која покажува какви капацитети би имала репрезентацијата за неколку години, доколку ова правило стапи на сила.

Кошаркарите се децидни дека нема да присуствуваат на тренинзите на репрезентацијата, се додека одговорните лица од МКФ не преземат мерки за укинување на правилото за 6 странци. Ставот на кошаркарите е конечен, а барањата се следниве:
- Укинување на правилото за 6 странци
- Воведување на правило за 4 странци во ростер, но максимум 3 на терен
- Градитивна такса за странци: 500 евра за прв странец, 1000 евра за втор, 2000 за трет итн. (ова е барање со кое се заштитуваат странските играчи, барање со кое нема да можат да бидат менувани често заради висината на таксата)
- Вклучување по минимум 2 играчи од младинските состави во првиот тим
- Вработување на квалитетни кадри во кошаркарската академија и сериозен пристап во истата

Откако МКФ ќе почне да ги застапува ставовите на своите играчи, а не на самоволието на клубовите, репрезентативците ќе се вратат на тренинзите и ќе го дадат максимумот за државата. Се очекува соработка од луѓето кои ја водат кошарката, бидејќи во спротивно, иднината на кошарката ќе биде со катастрофални размери.

 

Писмото е напишано од Здружението на кошаркарски играчи до Македонската кошаркарска федерација и нема никакви лични мотиви. Сите мотиви се од национален интерес и за подобро утре на Македонската кошарка.“

30.06.2014 - 12:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега