Владимир Божиновски: СДСМ се движи кон ПАСОК

"СДСМ, треба да го корегира својот став со цел да остави простор за некакво решение".  Вака политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски, во интервју за прес24, ја коментира евентуалната иднина на разговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ; кои минатата недела беа прекинати веднаш по првата средба, Груевски Заев, поради ултимативните барања на СДСМ за формирање техничка Влада. Божиновски смета декат таквиот начин не е искрен пристап за разговори и дека нема да донесе никаков резултат.

-СДСМ е соочена со континуирани изборни порази во изминатава деценија и постојано наместо да ги бара причините за тоа внатре во партијата, што би отворило пат за една темелна и суштинска идеолошка, програмска и кадровска реформа, тие секогаш причините за поразот ги бараат кај некој друг. Обидите за освојување на власта преку разни бојкоти, протести и непризнавање на изборни резултати на легални и легитимни избори не можат да вродат со плод и крајно време е СДСМ да почне да ја бара вината за изборните порази внатре во самата партија. Само со отпочнување на процес на реформи и реструктуирање во партијата кој најчесто е и долготраен и тежок, може евентуално да се надева на победа на некои следни избори, вели Божиновски за Прес 24.

Тој смета дека една од причините што СДСМ на последните анкети бележи пад е токму политиката на партијата.

-Стари кадри или нови кадри, но со стари сфаќања не можат да понудат нова визија која би создала една современа и издржана политичка платформа врз која ќе се креираат политиките и решенијата кои ќе им бидат понудени на избирачите, потенцира Божиновски во интервјуто.

За него нема опасност доколку и на подолг рок, СДСМ остане надвор од Парламентот, доколку владеачката ВМРО-ДПМНЕ, продолжи со практикување на досегашниот принцип на политичко дејствување.

-Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ функционира на начин со кој успехот и исполнувањето на сопствените актуелни политики го мери преку споредба со своите ветувања како и со резултатите од своите претходни политики (програмите и отчетите на партијата), но и преку степенот на поддршка од страна на граѓаните за одредени решенија во различни сектори во кои се спроведуваат одредени јавни политики, останувањето на СДСМ надвор од парламентот на подолг рок нема да има сериозно негативно влијание врз функционалноста на власта и државата. Сепак, за секоја демократска држава е најдобро доколку во парламентот постои и конструктивна опозиција бидејќи основната функција на секоја опозиција е да биде коректив на власта со што нема да ја изневери довербата на гласачите кои и дале поддршка и гласале за таа опција, во случајот СДСМ, вели во интервјуто за Прес24, Владимир Божиновски, политички аналитичар

ПРЕС24: Пропадна првиот обид за разговори меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Груевски и Заев. Главната причина е тврдиот став на Заев за техничка влада. Што во ваква ситуација?

БОЖИНОВСКИ: Една од основните придобивки на демократијата е дијалогот помеѓу различните политички субјекти кои често имаат дијаметрално спротивставени позиции, а кои преку тој политички дијалог би требало меѓусебно да се приближат со цел да се постигне консензус за одредени значајни прашања, особено околу самата функционалност на демократските процеси. Сепак доколку почетните позиции и предуслови на едната страна се целосно неприфатливи за другата, како што е случајот со ултиматумот на Заев за т.н. „техничка влада“, таа страна, односно во случајов СДСМ, треба да го корегира својот став со цел да остави простор за некакво решение.

ПРЕС24: Некои неофицијални информации, кои преку медиумите ги пуштаат како пробни балони, извори од СДСМ, велат дека сепак е можно да продолжат разговорите, посочувајќи дека кога СДСМ зборува за техничка влада, мисли на влада само за организирање на избори, без разлика кога и да се одржат тие. Тоа е своевидно ретерирање од првичните позции, но колку ова барање е реално и легитимно?

БОЖИНОВСКИ: Самата дефиниција на концептот на техничка влада понудена од страна на СДСМ и аргументите кои ги нуди како оправданост за нејзиното формирање се целосно неприфатливи во ситуација каде постои парламентарно мнозинство избрано на легални и легитимни избори. Технички, експертски или влади на национален спас се формираат само во случаи на сериозна безбедносна нестабилност како во случајот на Македонија во 2001, економски крах како во случајот со Грција последниве години или вонредни ситуации како во Македонија по осамостојувањето од 1991 година. Друг случај при кој би се јавил потреба од ваква влада каде се вклучени најголемите партии од власта и опозицијата е немање на јасно парламентарно мнозинство, како што беше случај на пример во Германија пред два изборни циклуси. Во моменталниот политички амбиент во Македонија, за таквно нешто нема никаква потреба.

ПРЕС24: Сепак, и покрај се  и ОБСЕ и ОДИХР во овој извештај за изборите посочи дека има елементи на кои мора да се работи. Како го оценувате моментот што набљудувачката мисија во извештаите за изборите во Македонија го избегнува терминот фер и демократски?

БОЖИНОВСКИ: Речникот на ОБСЕ во кои ги карактеризираат и оценуваат изборите (односно изборниот процес) во некоја држава е секогаш внимателен, особено додека постојат одредени препораки кои треба дополнително да бидат имплементирани, иако тие не влијаат суштински врз самиот изборен процес и на резултатите од изборите. Сепак во изминатите години во Македонија има серизен напредок на овој план, кој повеќе пати е нотиран од различни институции на меѓународната заедница. Сметам дека до следните избори во Македонија ќе се постигне целосна имплементација на преостанатите препораки дадени од страна на ОБСЕ и ОДИХР.

ПРЕС24: Како да се постигне квалитетна поделба на државата од партијата?

 

БОЖИНОВСКИ: Како држава со релативно кратка демократска традиција во Македонија се уште е присутен процесот на целосно одвојување на државата од политичките партии. Процесот е започнат и има сериозен напредок, а со исполнување на препораките на ОБСЕ и ОДИХР во овој сегмент тој ќе биде и успешно завршен.

ПРЕС24: Во едно од барањата на СДСМ е и медиумската застапеност. Што е тоа што може да биде предмет на разговори во овој дел?

БОЖИНОВСКИ: Тука може да се дискутира единствено околу функционирање на јавниот радиодифузен сервис, односно МРТ.

ПРЕС24: Дали пописот на населението е значаен за прочистување на изборачкиот список?

БОЖИНОВСКИ: Пописот на населениото е многу поважен за други социјално-економски сегменти во едно општество со оглед дека преку него може да се добијат значајни параметри со кои ќе се планираат активности за идниот целокупен општествен развој во една држава, а кои не се поврзани со изборите. Во однос на избирачкиот список, особено во општества со изразена емигрантска традиција како што се сите држави во југоисточна Европа меѓу кои и Македонија, тој никогаш нема да може да кореспондира со бројот на полнолетни граѓани кои постојано живеат во државата (односно ќе биде поголем), бидејќи право на глас имаат сите државјани, иако дел од нив се отсутни од државата повеќе од една година што е од друга страна предуслов за да бидат попишани. Исто така, најголем дел од иселениците не се одјавуваат кога ќе ја напуштат државата и затоа се уште единствена адреса на која се водат е во местата во РМ од каде што се иселиле и токму поради тоа се смета дека тие се привремени емигранти без постојана адреса во странство, па затоа доколку бидат избришани од евиденција како гласачи од тие места, автоматски ќе им биде ускратено правото на глас. Никој не може да реши дека ако некој државјанин е отсутен од државата повеќе од една година тој нема право да гласа. Исклучок од ова може да се направи единствено во случајот со локалните избори како што е пракса во повеќе држави, односно при изборот на локалните власти да гласаат само оние кои се попишани, односно живеат во тие локални заедници.

ПРЕС24: Очекувате ли СДСМ да се врати во парламентот на есен, без разлика на тоа како ќе се одвиваат разговорите со власта?

БОЖИНОВСКИ: Доколку партијата не сака да се доведе до ситуација да и се случи имплозија и да се соочи со дополнителна поделба и распад, тогаш да.

ПРЕС24: Иако многумина навестуваат, сепак малкумина веруваа дека СДСМ, меѓутоа и целиот опозициски блок, ќе се обиде да ги делегитимира изборните резултати, но тоа сепак се случи. Дали сите овие забелешки, што СДСМ ги посочува можат да се дефинираат, како што вели Заев, системска кражба на гласови? Колку на терен такво нешто е остварливо, а колку оваа констатација на опозицијата е обид за алиби за немањето стратегија за победа?

БОЖИНОВСКИ: СДСМ е соочена со континуирани изборни порази во изминатава деценија и постојано наместо да ги бара причините за тоа внатре во партијата, што би отворило пат за една темелна и суштинска идеолошка, програмска и кадровска реформа, тие секогаш причините за поразот ги бараат кај некој друг. Обидите за освојување на власта преку разни бојкоти, протести и непризнавање на изборни резултати на легални и легитимни избори не можат да вродат со плод и крајно време е СДСМ да почне да ја бара вината за изборните порази внатре во самата партија. Само со отпочнување на процес на реформи и реструктуирање во партијата кој најчесто е и долготраен и тежок, може евентуално да се надева на победа на некои следни избори.

ПРЕС24: Иако е можеби несоодветно да коментирате други анкети, кои не се изработени од Вашата организација, сепак јас сакам да Ве прашам општо. Анкетата на ИРИ покажува пад на рејтиногот на СДСМ. Дали разочарувањето по неуспехот на изборите, или пак политиката на бојкот е една од причините за ваквата состојба?

БОЖИНОВСКИ: Падот на рејтингот на СДСМ е последица на серија од причини кои се повторуваат во континуитет во изминатиов период, како на пример недостаток на квалитетни реформи и визија во самата партија или недостаток на издржана платформа и партиска програма, поради што не можат ниту да им понудат, а уште помалку да ги убедат гласачите дека во моментов можат да бидат квалитетна алтернатива на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

ПРЕС24: Оди ли СДСМ кон пропаст, ако се земат предвид отворените судири во партијата, особено по демонстрираната непослушност на две пратенички?

БОЖИНОВСКИ: Доколку останат надвор од институциите и не започнат со темелна реформа на партијата, на СДСМ лесно може да им се случи ПАСОК, односно во брзо време да бидат заменети од некоја друга политичка опција на левиот центар, која може да биде создадена и од структури кои во моментов се уште егзистираат во СДСМ.

ПРЕС24: Ако се анализраат лидерите со СДСМ, тогаш во моментов партијата ја водат две личности кои историски ги имале најслабите изборни резултати. И Заев и Шекеринска дожиевале дебакал. Слично беше и на овие избори, особено парламентарните. Истовремено во СДСМ досега имаше практика по пораз да се менува раководството. Ова раководство не понесе одгвоорност. Дали тоа беше правилна или погрешна одлука на СДСМ?

БОЖИНОВСКИ: Секое раководство по пораз на парламентарни избори треба да ја понесе одговорноста за истиот и да поднесе оставка. Непризнавањето на резултатите од последните избори меѓудругото претставува и обид на раководството на СДСМ да ја избегне одговорноста за поразот, а со тоа и да се соочи со напуштање на функциите во самата партија.

ПРЕС24: Ако резултатите покажуваат дека политиките што ги промовира СДСМ не поминуваат кај електоратот, тогаш зошто СДСМ упорно, веќе неколку изборни циклуси, ја форсира оваа политика?

БОЖИНОВСКИ: Очигледно главната причина е во безидејноста или стравот од реформи во партијата, бидејќи стари кадри или нови кадри, но со стари сфаќања не можат да понудат нова визија која би создала една современа и издржана политичка платформа врз која ќе се креираат политиките и решенијата кои ќе им бидат понудени на избирачите.

ПРЕС24: Многумина аналитичари велат дека перцепцијата на гласачите, за тоа кому треба да  му се даде гласот на избори, до 2006 наваму е промнета. (Тоа впрочем го потври и Андреј Жерновски, па следниот ден се повлече од изјавата, од кои причини тој веројанто најдобро знае). Но, јас сакам да Ве прашам, друго. Ако СДСМ, тоа не го сфаќа, зошто тогаш друите опозициски партии не можат да се изборат за свој простор на политичката сцена. Македонија е веројатно единствената парламентарна демократија, во која нема стабилен трет полиитчки субјект. ЛДП, НСДП, ЛП, ВМРО-НП, ГРОМ, АЛИЈАСА, сие се тука, но едноставно секогаш имаат потреба да влезат во нечиј табор?

БОЖИНОВСКИ: Генерално во Македонија, помалите партии секогаш сакаат да го пренесат товарот на политичката одговорност врз големите политички субјектии и најчесто целта на нивното постоење е да им се додворат на поголемите и со тоа да ги остварат амбициите за функции на нивните раководства. Во моментов, од помалите партии одредена политичка тежина имаат единствено дел од етничките партии кои се во состав на големите коалиции, потоа можеби СП, ДОМ, ЛДП и од овие избори и ГРОМ на Јакимовски. Сепак, со се поизразеното тонење на СДСМ се отвора многу поголем простор за делување на малите опозициски партии и не би ме изненадило некои од постоечките или можеби нова партија која ќе произлезе од самиот СДСМ да се обиде да го освои овој слободен политички простор.

ПРЕС24: Може ли актуемната власт подолго време да опстои и без групни грешки да функционира, ако СДСМ реши на подолг рок да остане надвор од парламентот?

БОЖИНОВСКИ:Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ функционира на начин со кој успехот и исполнувањето на сопствените актуелни политики го мери преку споредба со своите ветувања како и со резултатите од своите претходни политики (програмите и отчетите на партијата), но и преку степенот на поддршка од страна на граѓаните за одредени решенија во различни сектори во кои се спроведуваат одредени јавни политики, останувањето на СДСМ надвор од парламентот на подолг рок нема да има сериозно негативно влијание врз функционалноста на власта и државата. Сепак, за секоја демократска држава е најдобро доколку во парламентот постои и конструктивна опозиција бидејќи основната функција на секоја опозиција е да биде коректив на власта со што нема да ја изневери довербата на гласачите кои и дале поддршка и гласале за таа опција, во случајот СДСМ

28.06.2014 - 13:12
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега