Њујорк тајмс: Најмалку 5 вработени во Спејсекс отпуштени зашто го критикувале Маск

Компанијата Спејсекс отпуштила најмалку пет вработени што во јавно писмо го критикувале однесувањето на извршниот директор Илон Маск, пишува Њујорк тајмс. Претседателката на Спејсекс, Гвин Шотвел, писмото на вработените го опиша како „прекумерен активизам“.

Писмото првпат го објави технолошкиот сајт Верџ, а во него се вели дека однесувањето на Маск е чест извор на непријатност и попречување на вработените. За само ден и половина писмото го потпишале над 400 вработени во Спејсекс. Вработените што го дале својот потпис бараат од Спејсекс јавно да се обрати и да го осуди однесувањето на Маск на Твитер.

„Маск се смета за лицето на Спејсекс бидејќи тој е нашиот извршен директор и најистакнатиот портпарол, а секој твит што го објавува станува јавна изјава на компанијата. Важно е да им дадеме до знаење на нашите тимови и потенцијалниот фонд на таленти дека пораките на Маск не ја одразуваат нашата работа, мисија и вредности“, стои во дописот на вработените.

Минатиот месец Бизнис инсајдер пишуваше за недоличното однесување на Илон Маск, а вработените во писмото се повикуваат на тие обвинувања. Маск сексуално вознемирувал стјуардеса на Спејсекс за време на приватен лет, се вели во извештајот на Бизнис инсајдер. Исто така, во извештајот се наведува дека компанијата им платила на вработените 250.000 долари за да молчат.

Претседателката на компанијата Шотвел по обвинувањата застана во одбрана на Маск и рече дека верува оти тие се лажни. Потписниците на писмото биле отпуштени минатата недела според мејл испратен од Шотвел. Во мејлот таа напишала дека поради писмото вработените се чувствувале непријатно и биле лути затоа што биле принудени да потпишат нешто што не ги одразува нивните ставови.

 

21.06.2022 - 23:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега