Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, два се ставени под контрола, а 27 се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во Општина Чашка, во близина на селото Јаболчиште, на местото „Биков Гроб“, каде гори букова и дабова шума, кривуљ и ниска вегетација, како и во Општина Липково, кај селото Стрима, на местото „Гури Куќ“, каде е зафатена борова шума и ниска вегетација.
Пожар има и во Општина Прилеп, во близина на селото Дрен, каде гори мешана шума, како и во Општина Дебар, кај селото Горно Косоврасти, на местата „Крушно и Вложно“, каде е зафатена шума.
Под контрола се пожарите во Општина Студеничани, меѓу селата Драчевица и Цветово, на местото „Калдиред“, каде гори ниска вегетација, и во Општина Куманово, на депонијата „Краста“.
Останатите 27 пожари регистрирани во изминатото деноноќие се изгаснати.


