Николовски на средба со Војчеховски: Во време на криза обезбедуваме дополнителни средства за земјоделците

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со директорот на Платежната агенција Никица Бачовски, во рамки на работната посета во Брисел, остварија средба со еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски и директорот на Директоратот за земјоделство и рурален развој Волфганг Буртшер во Европската комисија.

Како што информира прес-службата на министерот Николовски, главни теми за дискусија на средбата биле тековните глобални политички, безбедносни и економски предизвици, со кои денес се соочува земјоделскиот сектор, а пред сѐ земјоделецот како најзасегнат субјект во геополитичките случувања.

-На работниот состанок беа презентирани иновативни решенија и политички мерки, кои имаат за цел да обезбедат одржливост и продуктивност на земјоделскиот сектор, поради стратешката улога во развојот на државите, се вели во соопштението.

Еврокомесарот Војчеховски ја поздравил проактивноста на македонската Влада и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во поглед на донесувањето на закони важни за земјоделството и нивното усогласување со европските регулативи, дури и во време кога како држава се соочуваме со неконструктивна блокада на Собранието од страна на опозицијата.

– Интервентниот план за земјоделството, кој го донесовме, а преку кој во време на криза обезбедуваме дополнителни средства за земјоделците со средства обезбедени од буџет на Владата, беше препознаен и оценет како позитивен пример, од страна на еврокомесарот Војчеховски, како единствен и уникатен начин на помош кој како концепт во моментов не е воведен кај земјите членки на унијата. Воведените програми за субвенционирање на ѓубрива кои во овие услови на криза ги туркаат лимитите на рационален трошок беа оценети како иновативна политичка мерка која, пред се, обезбедува одржливост и генерира продуктивност, велат од МЗШВ.

 

25.05.2022 - 22:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега