Николовска: Конфискацијата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир 2“ е политички исконструирана одлука

 

Ружица Николовска, адвокат за случајот „Талир 2“, во вечерашното гостување во емисијата Анализа на телевизија 24, кажа дека Судот донел одлука која наликува дека се суди на ВМРО-ДПМНЕ, иако партијата е заинтересирана страна во целиот случај.

„За жал она што е мој впечаток и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ е заинтересирана страна, изгледаше дека се суди на политичката страна ВМРО-ДПМНЕ, а не како да е заинтересирана страна. И тоа е мој впечаток од она што го видов посебно на последното рочиште кое што беше за објавата на пресудата“, истакна таа.

Во однос на конфискацијата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ Николовска рече дека тоа го доживува како политички исконструирана одлука, со низа повреди во судските процедури, укажувајќи дека според нејзе неспорен е фактот дека согласно Законот за кривична постапка може да се конфискува противправно стекнат имот, но во случајот Талир2 ниту обвинителството го докажало тоа, ниту пак Судот утврдил дека истиот е стекнат на нелегален начин.

„Дел од таа пресуда е токму и конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, односно на седиштето и на уште неколку други објекти, штабови и слично како недвижен имот распространет по повеќе места. Самиот процес во себе, јас ќе напомена во делот кој што се однесува на ВМРО-ДПМНЕ јас го доживеан како политички исконструиран, со тоа што бројни повреди, процесни барем во оној дел во кој јас присуствував“, изјави таа.

„За мене лично е неразумна таа одлука во делот на конфискација на имотот на политичката партија заради тоа што се суди на две физички лица и не успеав јас да видам од она што јас се кажа во таа судска сала дека токму од нивните противправни дејствија како што судот смета дека од тие противправни дејствија е настанат тој имот. Така да неспорно е дека согласно ЗКП дека секоја противправна имотна корист ќе се конфискува што е стекнат или секој имот кој е стекнат со кривично дело.  Но, овде тоа не се докажа, ниту обвинителството го докажа, ниту судот го утврди, туку тоа е насочен атак кон ВМРО-ДПМНЕ“, децидна е Николовска.

Николовска нагласи дека ваквата одлука нема да ги обесхрабри и како политичка партија ќе ги искористи сите законски можности и ќе ја обжалат пресудата.

„Како политичка партија нема да не обесхрабри таквата одлука и напротив се што стои како законска  можност на наша страна ќе биде искористено.  Жалосно е тоа што го гледате тој процес како јавност, вам ви се презентираат некои сегменти и носите некои свој заклучок, меѓутоа кога сето тоа ќе се погледа низ призма на правни аргументи и согласно одредбите од ЗКП е тогаш ситуацијата е малку поинаква“, додаде таа.

„Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ во тој процес не беше ниту обвинета странка, ниту во својство на обвинет, а се објави таква пресуда“, вели Николовска.

09.06.2022 - 21:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега