Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова на денеска седница за пратенички прашања, упати прашање до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во кое посочи дека процесот за стекнување звање наставник ментор и наставник советник во основното и средното образование е административен лавиринт дизајниран за партиски награди или елиминација и системско понижување на македонскиот наставник.
Во продолжение е интегралното пратеничко прашање на Николова:
Денеска ќе зборувам со документи, со броеви на Службен весник, со конкретни докази во однос на прашањето за образованието, низ коишто ќе видиме како Министерството за образование ги наградува најдобрите наставници. Според она што го имаме како информација, но и како факти, процесот за стекнување звање наставник ментор и наставник советник во основното и средното образование е административен лавиринт дизајниран за партиски награди или елиминација, како сакате, и системско понижување на македонскиот наставник. Министерке, постои едно златно правило кое што вели правилата не се менуваат кога натпреварот е веќе почнат, но најверојатно за вас и за Министерството за образование ова не важи. Ајде еве да ја видиме хронологијата. На 30-ти јуни 2025 година вие го донесовте првиот правилник за начинот на следење и вреднување на работата на наставниците.
Врз основа на тој правилник го објавивте јавниот повик во летото 2025 година. Наставниците, верувајќи во државата, односно во Министерството за образование и во процедурите пропишани во законот, почнаа да ги подготвуваат своите досиеја, да плаќаат за сертификати и да ги подготвуваат своите трудови како докази. Но тогаш почнува инженерингот на МОН. На 26-ти декември 2025 година вие носите измена на правилникот. Со еден потпис рокот за работата на комисиите го дуплиравте од 30 на 60 работни дена. Зошто? Дали вашите комисии се толку нестручни што не можат да ги прегледаат документите или ви требаат дополнителни два месеци, а најверојатно и повеќе, за партиско креирање на ранг-листите? За информација, од 11 декември вашите комисии веќе беа на терен и ги оценуваа кандидатите. Ве прашувам како може да се оценуваат наставниците од 11 декември, а на 26 декември да го менувате правилникот по којшто работат комисиите.
Со истата таа измена воведовте нечуен преседан, овозможувавте наставникот да може да биде оценуван и во друго училиште, а не во она коешто работи. Ве прашувам каков е овој образовен туризам? Зошто некои наставници беа оценети во своите училишта, со своите ученици, со своите ресурси, во своите училници, а други кои што имаа помалку среќа беа праќани во други градови, пред други ученици кои што за првпат ги среќаваат и во училници во кои што за првпат влегуваат. Ако го погледнеме правилникот од 23 јули 2025 година, објавен во Службен весник број 148, во член 3 вие предвидувате во комисијата да има претставник и на ЗЕЛС. Сега ме интересира што разбира еден општински административец за методиката на настава. Како може чиновник од локалната самоуправа да оценува меѓународни научни трудови презентирани на конференции во странство? Каде беше јавниот повик за овие комисии и пропишаните критериуми за истите, или тие само се користат за да може да ги уфилтрираат послушните кадри, користејќи ја моќта дека можат да бодуваат и со тоа да влијаат на ранг-листата.
Министерке, истиот правилник предвидува во секоја комисија да има претставник од репрезентативниот синдикат. Ве прашувам, знаете ли дека ви се откажуваат овие претставници откако ќе согледаат во какви услови, со какви притисоци и барања треба да работат и оценуваат? Зарем тоа не е аларм дека нешто не е во ред? Очекувам дека синдикатот ќе се одважи, ќе одолее на притисокот и ќе реагира во интерес на правата на наставниците. Министерке, ќе ви кажам уште неколку примери за некои апсурди. За наставниците од средните училишта коишто беа избрани на конкурс на МОН за обука која што беше реализирана во соработка со Брејнстер академијата. За оваа обука тие се пријавуваа во август 2025 година. Беа избрани само 200 наставници по пат на тестирање. МОН, односно државата, на тој начин ги селектираше, државата гарантираше на тој начин за нивниот квалитет.
И сега кога аплицираат за наставници ментори, вашата комисија вели овој сертификат не го признаваме. Како е можно со една рака да потпишувате за вакви обуки, а со друга да им ги фрлате сертификатите на наставниците во корпа? Дали свесно се замајуваат наставниците да трошат време на проекти кои што вашите комисии ќе ги обезвреднат?
Понатаму, во правилникот, во прилог 1, точка 6.4, децидно пишува дека меѓународен медал носи поени. Како тогаш е можно меѓународниот натпревар „Математика без граници“, за кој лично вие доделувате награда и на учениците и на менторите, вашите комисии да го оценуваат со нула поени? Како може натпреварот „Кенгур“ за едни комисии да вреди, да биде бодуван, а за други да е нула?
Дали секоја комисија има свои правила кои што се посилни од законот и правилниците кои вие ги потпишавте? Понатаму, зошто ги оценувате со нула сертификатите на светските гиганти како Мајкрософт?
Наставниците приватно, со сопствени средства, се доедуцираат на овие платформи за да бидат во чекор со новите трендови во образованието, а вашите комисии, кои веројатно не знаат, некои членови од нив, ниту да ги отворат тие платформи, им ги поништуваат овие докази. Знаете ли дека со нула поени некои од вашите комисии ги бодуваат и конференциите, и домашните и меѓународните, за кои наставниците плаќаат од сопствен џеб за да слушнат нешто ново и да ги претстават пред своите колеги трудовите кои што ги напишале? На врвот на нетранспарентноста дојдовме во овој краен период.
На официјалниот сајт „Кариерно напредување на наставниците“, каде што наставниците ги прикачуваа доказите, а центрите за развој на средното стручно образование и училиштата своите оценки, дел од наставниците добија пристап и можеа да ги видат своите резултати, односно бодовите, дел од нив не можеа. Но, наеднаш, на 12 март, бодовите беа скриени. Министерке, зошто ги сокривте бодовите на 12 март ако сè уште трае оценувањето? Дали затоа што некои наставници видоа дека се оштетени и почнаа да реагираат? Како може во иста постапка едни наставници да си ги знаат поените, а други не?
Ова е директна дискриминација. Вие свесно создавате нееднаквост помеѓу кандидатите од исти училишта или кандидати од различни училишта. Што се плашите дека ќе видат на сајтот? Затоа ви го поставувам прашањето дали ќе реагирате на целиот овој процес во кој што правилата се менуваат и не важат исто за сите комисии. Дали во текот на самата евалуација ќе видите какви пропусти се направени, ќе направите целосна ревизија на бодирањето за да може сите наставници да си ги реализираат своите права и навистина да биде ценет трудот на наставникот.

