Николоски: Заев ќе потпишеше нов договор со Бугарија, но го спречија масовните протести на граѓаните

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на Република Македонија, во денешното гостување во Македонското радио вели дека доколку се зависеше од Зоран Заев одамна ќе беше потпишан нов договор со Бугарија со кој ќе се срушеа темелите на македонската држава и македонскиот народ, но посочи дека единствена причина поради која не го сторил тоа Заев се масовните протести на граѓаните организирани од ВМРО-ДПМНЕ.

Да зависеше од Зоран Заев веројатно одамна ќе имаше потпишано нов договор со Бугарија, многу полош и договор кој што ќе ги срушеше темелите на македонската држава и македонскиот народ. Всушност тој тоа го најави во неговото интервју за БГНЕС некаде во ноември месец, и единствената причина зошто тоа не го направи е бурната реакција на македонската јавност и македонскиот народ.

Имено после тоа интервју се случија масовни протести по македонските градови и села, буквално секаде низ државата, дури и во услови на корона луѓето најдоа начин да го изразат своето незадоволство, ВМРО-ДПМНЕ ги повика , најчесто тоа беа протести со автомобили со цел да се заштити здравјето на граѓаните, но и тоа беше една силна порака дека овој договор не може да го потпише. Дополнително на тоа се јави и Македонската академија на науки и уметности, МПЦ, бројни професори лингвисти, историчари  итн.

Николоски истакна дека македонскиот народ треба да остане буден затоа што како што рече тој никогаш не си на чисто со Заев имајќи во предвид дека ги менува ставовите на дневна основа.

Мислам дека македонскиот народ треба да остане буден затоа што не сме на чисто никогаш со Заев. Тоа што го кажува пред избори после избори за мене не значи ништо, затоа што си ги менува ставовите на дневна основа. Треба македонскиот народ да остане буден и доколку најмал чекор направи во насока на потпишување на нов договор со Бугарија кој што ќе значи поништување на македонската држава треба исто така да се организираме и да има масовна реакција како што имаше во текот на месеците ноември и декември, а секако најдобро е владата да падне на што работиме, додаде тој.

Николоски нагласи дека и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ е целосно исклучена од овој процес, има свој канали од каде што добива информации што се преговара Заев и власта, а како причина за тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ е исклучена од процесот е поради тоа што Заев води предавничка политика.

Заев и владата не споделуваат никакви информации со ВМРО-ДПМНЕ, комплетно сме исклучени од процесот, не сме ни како фактор во процесот, ниту не информираат, ниту став и мислење бараат од нас. Мене ми е јасно зошто тоа е така, затоа што водат еден предавнички процес и кога водите предавнички процес не сакаат другите да знаат за тоа, односно ако веќе мора да се разбере, да се разбере кога ќе е донесена нацијата и државата пред свршен чин. Така што ако зависеше од Заев, Бујар Османи, Димитров и од професорот Бучковски сега веројатно немаше да знаеме ништо, но ВМРО-ДПМНЕ е сериозна политичка партија и има свои информации и свои канали од каде што ги добива тие информации и сме прилично добро информирани и македонската јавност е сведок дека практично пред да се случат работите ги најавуваме во јавност, рече Николоски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.01.2021 - 12:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега