Владата застана рамо до рамо со превозниците на граничните премини, Ги посетив јас, ги поддржа и премиерот и тоа е начинот на кој треба да се работи кога постои еден ваков сериозен проблем, кој можеше да предизвика несогледливи економски последици како за македонската економија, така и за целиот регион – истакна интервјуто за ТВ Сител, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Тој потенцираше дека во измината година направени се сериозни напори од Владата, обидувајќи се преку средби, разговори и писма, да го потенцира проблемот со превозниците и ЕУ конечно да сфати какви последици може да се предизвикаат доколку не се реагира.
“ Преку година дена се обидуваме, што со заеднички писма преку други држави, што сами, што на директни средби, министерот за надворешни работи разговарал многу пати, премиерот на последната средба со Урсула Фон Дер Лајен го отвори ова прашање, јас во декември при посетата на Брисел. Но, кога се случи протестот на транспортерите, мислам дека сите сфатија за што се работи, затоа што ова не беше политичка одлука, ова беше бирократска одлука и мислам дека само ова беше начин, да сфатат дека ќе се случи огромен проблем кој што можеше да доведе до несогледливи економски последици и за регионот и за соседството на регионот и за ЕУ”- истакна вицепремиерот Николоски.
Тој се осврна и на чекорите на Владата во изминатите неколку дена, колку што траеа блокадите на граничните премини и реакциите соседството, кои први ги согледаа можните последици.
“Не случајно јас отидов во Хрватска пред два дена, не случајно со грчкиот министер разговарав три пати, не случајно вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија реагираше, не случајно вицепремиерот на Хрватска, ден по мојата посета одржа специјална прес конференција за оваа работа, затоа што силно ги афектираше и нив”- потенцираше вицепремиерот Николоски.
Според вицепремиерот, заедничката и координирана активност го потикна решението за овој проблем, за кој доколку не се реагираше навреме можеше да ја погоди целата регионална економија.

