Денешното појавување на поранешниот претседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и експремиер Зоран Заев во јавност (преку објава на социјалните мрежи) е само доказ дека тој е лидерот во сенка на СДСМ, кој ги влече конците во оваа партија.

Ова денеска го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, на прес-конференцијата, која, како што кажа тој на самиот почеток, е реакција на појавата во јавност на поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер на државата, којшто формално, уште од почетокот на 2022-та година, не е во политиката.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, постои целосна координација меѓу Заев и актуелното раководство на СДСМ, а тоа, како што рече, го покажува истиот вординг што го користат и тој и Филипче.

„Тоа укажува на тоа дека на дневна основа се координираат со него (Зоран Заев) и толку се блиски, што дури и исто се изразуваат. Или, можеби, исти човек од заедничкиот тим им ги пишува и говорите и статусите и на едниот и на другиот“, рече Николоски.

Цитирајќи делови од објавата на Заев на Фејсбук“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во својата, условно кажано, анализа, рече дека од неа можат да се забележат две работи – дека во СДСМ владее паника и страв и дека целта на ваквиот потег е да се заштитат, како што кажа Николоски, одредени елити во рамките на самата партија.

„Прво, со тоа што кажа и што го кажува „дека ќе мора да внимаваме (Мицкоски) да не ни ја повлече државата со себе во провалијата“, јасно е дека е израз на паника и на страв. Втората работа, многу е јасно дека СДСМ, ваков СДСМ има само една цел, а тоа е да заштити одредени елити во рамки на самата политичка партија и ништо повеќе од тоа“, кажа Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ сето тоа го поврза со реформите во судството и обвинителството, за кои, како што кажа, отпорот во СДСМ е голем, бидејќи правосудството, рече, е последниот бастион и последната одбрана на неколку елити во СДСМ.

„И овој СДСМ му служи само на Зоран Заев, ѝ служи на ДУИ и на Али Ахмети, коишто гледаат своја повторна можност, повторна шанса во политиката. Човекот којшто ги нанесе најголемите национални порази на Македонија, најголемите национални предавства и во чиешто време криминалот цветаше и корупцијата царуваше, во чие што време се случија најголемите корупциски афери, наеднаш се појавува во кампањата за да му покаже и на Венко Филипче и на цел СДСМ кој во суштина ја води партијата“, рече Николоски.

Exit mobile version