Власта е подготвена за избори во секој момент, но очекувањата се дека ќе се оди на редовни избори за да се реализираат сите планирани проекти, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во интервју за емисијата „Вести плус“ на ТВ Канал 5, Николоски се осврна на прашањето за Изборниот законик и очекувањата за договор со опозицијата.

„Ние сме секогаш спремни за избори. Кога која било влада ќе влезе во вториот дел од мандатот нормално е да се очекуваат избори во даден момент. Ние би биле среќни доколку одиме на редовни избори, доколку ги реализираме проектите на коишто сме фокусирани, но секогаш сме спремни и за предизвик којшто во моментот го нема, така што најверојатно ќе одиме на редовни избори“, изјави Николоски.

Во однос на гласањето и измените во Изборниот законик, вицепремиерот потенцираше дека главен приоритет останува еднаквото право на глас за сите граѓани.

„Наше барање е да се овозможи еднакво избирачко право на сите граѓани на Македонија, а тоа се и луѓето коишто живеат во дијаспората, така што се надевам дека ќе се изнајде решение“, рече вицепремиерот.

Коментирајќи ги обвинувањата од опозицијата за евентуална изолација на земјата и потребата од национален консензус, Николоски посочи дека претходната власт го создала проблемот.

„Добро би било да има консензус, иако оние со коишто треба да се гради консензус се оние кои го создадоа проблемот. Додека беа на власт прифатија обврски кои не може да се реализираат и обврски кои се на штета на македонските национални интереси. Треба да сме свесни и со кого имаме работа“, изјави тој.

Тој нагласи дека во однос на реформите од Планот за раст, земјата е апсолутен лидер во регионот и дека премиерот Христијан Мицкоски лично го координира овој процес.

„Веќе сме во ситуација кога дополнителни чекори ќе се прават со цел да се добијат дополнителни средства од Европската Унија како награда за реформите. Тоа е процес којшто лично премиерот Мицкоски го координира. Ние на неделна основа имаме состаноци на таа тема и средби со ЕУ и резултатите се видливи за сите“, посочи Николоски.

Во врска со состојбата во Гостивар, Николоски подвлече дека тоа е надлежност на локалната самоуправа, но дека Владата се вклучила за да им помогне на граѓаните.

„Видовме дека општината нема капацитет да се справи со проблемот, таа го создаде проблемот и Владата доброволно реши да се вклучи и да го решава проблемот. Тоа говори дека Владата има добра намера да го реши и тоа, и се надевам дека наскоро ќе имаат безбедна вода за пиење. А во меѓувреме обвинителството да си ја заврши својата работа, да ги испита сите кои се потенцијално осомничени и оние кои направиле кривично дело секако да одговараат“, изјави Николоски.

Exit mobile version