Изградбата на автопатот Прилеп-Битола се одвива со одлична динамика, а првите километри од новата автопатска делница се очекува да бидат готови веќе следната пролет. Ова денеска го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на Општина Могила, оценувајќи изградбата на автопатот ќе има големо значење за развојот на целиот Пелагониски регион.
„Динамиката на изградбата на автопатот Прилеп-Битола е одлична, работиме со одлично темпо, роковите ќе бидат запазени. Очекувам веќе следната пролет да ги имаме првите километри автопат на овој потег, што многу ќе значи за движењето, за економијата и за поврзувањето не само на Прилеп и Битола, туку и на општините Могила и Новаци, како и на Ресен и Демир Хисар“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека новата автопатска делница ќе придонесе за подобра сообраќајна поврзаност, побрз транспорт и нови можности за економски развој на регионот.
„Тоа многу ќе значи за заживувањето на целиот овој регион и за поттикот на економијата, имајќи предвид дека значаен дел од економијата е токму во Пелагонискиот регион“, додаде Николоски.


