Бугарското Народно собрание денеска го ратификуваше Договорот со Македонија за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8, информираше вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Со оглед на тоа што македонското Собрание го ратификуваше документот уште во декември минатата година, сега се исполнети сите правни услови за доизградба на железничката линија меѓу Скопје и Софија.
Николоски истакна дека овој проект, потпишан во ноември со неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, ќе донесе поблиски економски врски, но има и стратешко значење.
„Коридорот 8 е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери. Паралелно го развиваме и Коридорот 10, со што Македонија ја правиме вистинска сообраќајна раскрсница на Балканот“, порача Николоски преку својот фејсбук профил.


