Поголем дел од територијата на Македонија се наоѓа под влијание на силна атмосферска нестабилност, која со себе носи поројни врнежи од дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град и суградица.
Најкритична е состојбата во Ресенскиот регион, каде што нестабилноста е проследена со силен пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Оваа силна нестабилна облачна маса се приближила од југозапад, северно од Ресен, и во моментов се движи во правец кон Преспанскиот регион.
Паралелно со ова, динамично е и во источниот дел на државата. Во Делчево и околниот регион е регистрирана нестабилна облачна маса проследена со пороен дожд, грмежи и наместа појава на суградица.
Според моменталните радарски слики, нестабилност има и на неколку други точки низ Македонија. Вакви процеси се забележани северно од Скопската Котлина, на североистокот, како и на истокот и западно од Кочани, каде облачноста е стационирана претежно во планинските предели.
Надлежните служби продолжуваат да ја следат радарската слика и движењето на облачните маси, а на граѓаните во погодените региони им се препорачува зголемена претпазливост при движење на отворен простор.


