Претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, денеска оствари теренска посета на земјоделскиот регион во Босилово каде одржа средби со локалните производители на раноградинарски култури.
За време на посетата, Филипче упати сериозни критики до актуелната извршна власт, тврдејќи дека секој еден сектор во земјоделството во моментов се соочува со сериозни економски предизвици.
„Денеска сме во посета во земјоделскиот регион на Босилово, на средба со земјоделците. Како што тоа вообичаено го слушаме целиот изминат период, веќе повеќе од една година од буквално сите земјоделци во земјава од сите региони, дека секој еден сектор во земјоделството е соочен со големи проблеми и предизвици, така и денес луѓето кои што произведуваат и одгледуваат раноградинарски култури, јачмен, зелка, цвекло, сите се соочени со истите проблеми.“
Лидерот на опозицијата како клучни девијации ги посочи нередовната исплата на државната помош и проблемите со пласманот на производите, обвинувајќи ја директно Владата за кратење на буџетските средства во овој сектор.
„Нема исплата на субвенции и многу екстремно ниски откупни цена. Ова е само уште еден знак за тоталната негрижа на Владата за секторот земјоделство. Вкупната сума на субвенции е намалена. Укинати се парите од ИПАРД програмите од Европската Унија, затоа што се фатени претставници на власта во директна корупција.“
Според неговите зборови, недостатокот на системска поддршка за домашното производство го доведува под знак прашалник опстанокот на самите земјоделци поради високите производствени трошоци.
„Едноставно наместо да се даде поддршка на луѓето кои што ја хранат земјата, наместо да се даде поддршка на луѓето кои што може да го зајакнат секторот земјоделство и да бидеме главни извозници на храна и да го храниме целиот регион, ние сме соочени да целиот сектор земјоделство во државата изумира. Земјоделците нема да работат повеќе поради тоа што никој не води грижа за нивните големи трошоци кои се екстремно високи, за нивните ниски откупни цени, едноставно луѓето не можат да преживеат.“
На крајот од своето обраќање, Филипче се осврна и на партиските активности на владејачката ВМРО-ДПМНЕ кои истовремено се одржуваат во Струмичкиот регион, испраќајќи политичка порака по повод нивниот роденден.
„И каков врв на лицемерие токму денеска во Струмица, во овој регион, ВМРО организираната криминална група слави роденден. Гледам дека се фалат со некој слоган „Македонија забрзува“, може да им го честитам роденденот со тоа што Македонија забрзува со нив единствено кон пропаст.“


