Камион истури стотици литри дизел-гориво на автопат во централна Германија, откако неговиот возач изгубил контрола врз возилото на влажен коловоз. Германската полиција соопшти дека инцидентот се случил поради несоодветна брзина.

Педесет и двегодишниот возач синоќа се движел по автопатот А4 во близина на гратчето Бад Херсфелд во покраината Хесен, кога ја пробил заштитната ограда. При ударот сериозно го оштетил резервоарот во кој имало околу 600 литри дизел-гориво.

Поради дождот и возилата што минувале понатаму, горивото брзо се разнесло по коловозот. Ова претворило делница долга околу 100 метри во опасна и лизгава зона за сообраќај.

Германските власти веднаш реагирале и привремено го затвориле тој дел од автопатот меѓу Фридевалд и Бад Херсфелд, по што сообраќајот бил целосно пренасочен. Во овој инцидент нема повредени лица.

Според првичните проценки на тамошните служби, материјалната штета изнесува повеќе од 100.000 евра.

На терен била спроведена голема акција за расчистување во која биле вклучени специјализирани возила и механизација за чистење на патиштата. Чистењето траело неколку часа, а сообраќајот по автопатот е повторно воспоставен утрово.

Exit mobile version