Безбедноста се уште не е гарантирана за жените во Македонија, ниту институциите целосно ги имплементираат политиките за нивна заштита.
Делегацијата на ЕУ во пресрет на 8 Март со порака дека не може да има еднаквост без да се отрстранат системските пропусти кои влијаат врз образованието, кариерата и успехот на жените.
„Трагичниот настан минатата недела повторно ни покажа дека безбедноста и достоинството не се гарантирани за многубројни жени и девојчиња, а дека институциите и општеството мора да обезбедат превенција, заштита и поддршка, рака под рака со отчетност“, изјави Бен Напнау, заменик-амбасадор на ЕУ.
Најчестата причина поради која жените жртви на семејно насилство не ги напуштаат своите партнери од кои се малтретирани е финансиската нестабилност. Немаат каде да одат и се плашат дека немаат пари да обезбедат пристојни услови за живот за своите деца.
Во Македонија, половина од населението се жени. Од нив вработени се само 38%. А 47 отсто активно бараат работа. 60% од тие што не бараат работа е поради обврските што ги имаат околу семејството. Сметаат дека не можат да работат и да се грижат за семејството.
„Жените сакаат да работат, за повеќето е тоа и економско прашање, меѓутоа и социјално прашање. Затоа што преку работата се поврзуваат со други кругови се, се социјализираат, не се изолирани. И не дај боже ако станат жртви на семејно насилство, ќе имаат повеќе социјални мрежи и контакти каде да се обратат“, изјави Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.
Случаите за извршено насилството против жените и во изминатото деноноќие се најбројни во билтенот на МВР. Во црната хроника за 24 часа има осум пријави во кои мажи тепааат жени. Уапсени биле шест лица во Скопје, Росоман, Кичево и виничко кои тепале, удирале со тврди предмети или агресивно се однесувале кон сопруги, девојки, повозрасни жени и поранешни партнерки.
По трагедијата во Карпош, кога мајка со својата ќерка се фрли од балкон како последица на насилството кое го трпела од својот партнер, во јавноста се разбранува прашањето колку жената е безбедна во македонското општество и зошто политиките за нивна заштита, остануваат само на хартија.

